Легитимирање на грчкото вето во замена за власта во Македонија ?

Им дава ли Зоран Заев аргументи на Грците да тврдат дека наводното неисполнување на критериумите, а не грчката блокада, е пречка за македонското членство во ЕУ и НАТО ? Дали со објавувањето на телефонските разговори кои што ги добил од странска служба, Заев помага во обидот на јужиот сосед да го легитимизира нелегалното вето за Македонија? Овие дилеми се наметнуваат откако вчера објавените прислушкувани разговори за наводно местење на судии и пресуди, во грчката јавност веднаш беа доведени во релација со извештајот на Европската Комисија за напредокот Македонија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

“Во телефонските разговори што ги откри господинот Заев, за владините министри и претставници на двете коалициски партии се вели дека договарале позиции за судиите кои што тие ги избрале и интервенирале во судството во однос на некои пресуди. Ранливоста поради политичките притисоци врз работата на судскиот систем во Македонија и владеењето на правото се постојано потенцирани во извештаите на Европската Комисија за напредокот на земјата”, пишува грчката државна новинска агенција во текстот преземен од голем број весници и портали.

Извори од грчкото МНР уште пред две години ги брифираа грчките медиуми дека политичка криза што СДСМ по секоја цена се трудеше да ја создаде, е прва точка од грчката стратегија за “успешно” справување со прашањето со Македонија на меѓународна сцена. Врз основа на нередите што СДСМ тогаш ги правеа во и пред Собранието, Грците во меѓународните организации каде што нелегално не блокираат тврдеа дека во Македонија имало дефицит на демократија и дека поради ова, а не само поради грчкото противење, земјата требало да стои надвор од ЕУ и НАТО. И тогаш Грците ги претставуваа СДСМ како жртви на премиерот Груевски и Владата, а одбрана за Заев и напад за Груевски доминира и сега меѓу коментарите во Грција за аферата Пуч.

Иако македонската јавност која што одблизу ги следи деталите во континутет реагира за контрадикторноста на Заев и тоа што постојано ги менува исказите, сепак, овие негови потези без соменение повторно ќе бидат искористени на меѓународна сцена од оние што сакаат да и наштетат на Македонија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.