Лекарка од Клиниката за детски болести со најмногу прегледи лани

Податоците во националниот систем за закажување прегледи МојТермин покажуваат дека најмногу реализирани прегледи во период од една година има д-р Маја Ивановска, педијатар од Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.

Д-р Ивановска, во периодот од 1.10.2013 до 30.09.2014 година има реализирано 7,352 прегледи. Во истот тој период, докторката имала 299 работни денови (со вклучени дежурства и повици). Според реализираните прегледи, податоците покажуваат дека докторката просечно прегледувала по 24 пациенти на ден.

Втора на листата е д-р Андријана Јаневска-Трпковска, интернист од ПЗУ Интермед–Плус, која во истиот овој период прегледала 5,532 пациенти. Докторката имала 237 работни денови и просечно прегледувала по 24 пациенти на ден.

Само во текот на месец септември, оваа година, најмногу реализирани прегледи има д-р Славица Вељановска, специјалист по радиотерапија при Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија. Докторката реализирала 570 прегледи за месец септември.