Лекарка од Србија продавала деца со пречки во развојот

Лекарка од Србија на странци им продавала деца со проблеми во развојот за натамошно посинување, открива српскиот весник „Блиц“, пренесува МИА.

Во периодот од 2006 до 2011 година д-р Јасмина Јанковиќ посредувала во 30 посинувања, за весникот изјавија од Министерството за труд
и социјална политика.

Обвинителството може да почне со истрага и да утврди во колку од овие 30 случаи лекарката од странците барала големи суми долари.

Американската државјанка Кејси Калварези во весникот директно ја обвини д-р Јанковиќ, во тоа време експерт во Центарот за деца со проблеми во развојот, дека од неа побарала и добила 8.000 долари и многу подароци, за да посредува во посинувањето на малата Софија, која има аутизам, иако процесот на посинување во Србија во пракса е бесплатен. На се што тогаш им се случувало на странците, докторката се обидела Американците да ги измами и со неповолниот курс на еврото.

Весникот утврдува и други случаи на странци кои и плаќале на лекарката за да можат да посинат дете.

Репортерите на „Блиц“ направиле обид да се поврзат со Јасмина Јанковиќ за и таа да ја каже својата верзија на приказната. Кога слушнала дека ја бараат новинари од „Блиц“, таа им го затворила телефонот.