Лекови од марихуана од јануари ќе се продаваат во Словенија

Од јануари во аптеките во Словенија ќе може легално да се набавуваат канабиноиди, хемиски препарати што содржат екстракт од марихуана, а кои досега беа забранети.

Дозволата за увоз на тетрахидроканабиноидите (ТХЦ) ја доби фирмата „Ленис“ која се занимава со увоз на нерегистрирани лекови, а набавките ги обезбеди од Германија, наведоа денеска словенечките медиуми.

Од јануари лековите од оваа супстанца ќе можат да се добиваат во аптеките, но оние на кои таквите препарати им ги олеснуваат симптомите на некои тешки болести ќе мораат да ги плаќаат.

Поранешната словенечка Влада на Аленка Братушек кон средината на оваа година издаде нова уредба со листата на забранети дроги од која е исклучен ТХЦ, односно е сместен меѓу дрогите чиј промет и користење се дозволени во медицината, ветерината и за педагошки и научно-истражувачки намени. Со сменетата уредба се овозможи и легалното купување на досега забранетите препарата кои соддржат екстракт на индиски коноп, во прв ред на масло од хашиш, кое досега можеше да се набави само на илегалниот пазар.

Лековите од екстракт на коноп во моментов во Словенија се уште не се регистрирани и ќе се подготвуваат во самите аптеки како таканаречени магистрални лекови, а увозникот на канабиноидите тврди дека ќе биде поевтин од сличните препарати кои можат да се добијат во аптеките во Австрија.