Поголема снабденост со лекови во повеќе аптеки

Поголема снабденост со лекови во повеќе аптеки најавија денес на прес-конференција директорите на ФЗОМ, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани.

Фондот на Позитивната листа на лекови на рецепт покрива 450 генерики, односно 1133 лекови од различни производители. Овие лекови осигурениците ги подигнуваат со рецепт од матичен лекар, додека за некои од нив потребна е препорака од специјалист/субспецијалист.

Поголема снабденост со лекови
Поголема снабденост со лекови

Како што беше информирано на денешната прес-конференција, осигурениците лековите од Позитивната листа може да ги подигнат во 767 аптеки на територија на цела Република Македонија, а значајно е што од нив се нови 61 аптекарска станица, 5 подвижни аптеки и 3 рурални аптеки, што е нов проект на Владата на Република Македонија за поголема достапност на лекови во руралните подрачја.

За таа намена, зголемен е буџетот за лекови коj историски е најголем од основањето на Фондот и изнесува 2,46 милијарди денари.

Како што беше нагласено, Фондот спроведува голем број на проекти поврзани со лековите, од кои посебно беа истакнати: годишното ревидирање на референтните цени, односно намалување на цените на 70% од лековите, Фондот двапати годишно прави редистрибуцијата на буџетите на аптеките (квотите), во кои спаѓаат и аптекарските станици, грижа за здравјето на населението преку проектот рационална употреба на антибиотици.

Годинава за прв пат гледаме дека нема зголемување на потрошениот износ за антибиотици. Тоа се 166 милиони денари за првите шест месеци. Ова особено не радува затоа што кампањата ја подигна свеста за штетноста од прекумерната употреба и резистенцијата на антибиотици. Секој лек мора да биде подигнат со рецепт. Станува збор за лекови како антибиотици, антидепресиви и анксиолитици, за кои согласно закон мора да постои рецепт за да може да се подигне од аптека, нагласија од ФЗОМ.

Исто така, беа споменати и владиниот проект со кој овозможи лековите бидат подостапни до граѓаните преку проектот рурален лекар, како и 24-часовна достaпност до лекови преку проектот за дежурни аптеки во секој град, кој е транспарентно објавен на веб сајтот на ФЗОМ.

Сите овие проекти, придонесуваат годинава да имаме поголема искористеност на лекови, кои според бројот на реализирани рецепти е зголемен за 10,4%, а исплатени се 7.9% повеќе пари. Тоа значи дека со зголемување на буџетот за лекови на Позитивна листа, а со намалување на цените на истите, се зголеми бројот на лекови достапни за граѓаните. Од јануари до крај на јуни се реализирани вкупно 10.516.229 рецепти во вкупен износ од 1.206.274.075 денари. Споредбено со минатата година за истиот период, разликата во бројот на рецепти е повеќе 10,4%, а разликата во исплатените пари е 7,9%, велат од ФЗОМ.

Годинава, исто како и минатата година, најкористен лек е еnalapril. Овој лек спаѓа во групата кардиолошки лекови, за висок притисок, чиј број на реализирани рецепти во првата половина за 2015 година  изнесува 971.540.

Во првите 10 најкористени лекови, по генерика, се лекови за намалување на висок притисок, за подобрување на циркулацијата, за регулирање на шеќерот, за намалување на мастите и антибиотиците.