Лекови за подобрување на сексуалните способности меѓу заплената на Царина

Изминатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што се запленети цигари, текстилни производи, лекови, препарати за подобрување на здравјето и сексуалните способности, креми, чаеви, стоматолошки материјали и инструменти, автоделови и компјутерски делови. Покрај тоа спречени се и два обиди за криумчарење дрога и откриени се две царински измами.
cccarinaaaa

Задржана е следната стока:

158 штеки цигари

– 130 штеки Marlboro,Classic,PallMall и Ronhill цигари, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, во соработка со аеродромските служби за сортирање и транспорт на багаж. Непријавените цигари се пронајдени во чекираниот багаж на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Малме.

– 28 штеки LM, American legend, NeXT и Camel цигари без акцизни маркички, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со француски регистарски таблички, управувано од француски државјанин со потекло од Турција, а пријавено за влез во државата. Непријавените цигари се пронајдени во две патни торби и една кеса, сместени во багажниот простор на возилото.

Околу 2000 парчиња облека

– 1.200 парчиња долна облека, откриени на царинската испостава Скопје 1, при контрола на стока со потекло од Грција, пријавена за увозно царинење за увозник од Битола.

– 591 парчиња разни текстилни производи, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило и автобус со македонски регистарски таблички, пријавени за влез во државата. Во првиот случај, при контрола на автобус што сообраќал на релација Истанбул – Скопје, во три патнички торби, сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот, пронајдени се 517 парчиња: долна облека, хеланки, блузи и чаршафи за маса. Во вториот случај, при контрола на патничко моторно возило, управувано од македонски државјанин, во патна торба сместена во багажниот простор на возилото, пронајдени се 74 парчиња облека: кошули, фустани, блузи, фармерки, џемпери, палта и панталони.

– 153парчиња женска долна облека, откриени на граничниот премин Деве Баир при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавената стока, сопственост на патник во возилото, македонски државјанин, е пронајдена во патни торби, ранец и кеси, сместени во багажниот простор на возилото.

340 парчиња лекови и медицински препарати

– 295 разни лекови за човечка употреба и 46 разни производи за подобрување на здравјето и сексуалните способности, откриени во два одвоени случаи, на граничниот премин Јажинце при контрола на две патнички возила пријавени за влез во државата.Во првиот случај, при контрола на косовски автомобил, управуван од косовска државјанка, во патна торба сместена на подот на возилото, кај задните седишта, и покриена со јакна, пронајдени се 280 таблети (Cialis 20 mg, Nexium 40 mg, Dekort 0,75 mg, Orgametril 5 mg), 10 ампули Rifsteril 3 ml и 5 опаковки сируп Sipraktin 240 ml. Во вториот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, во просторот кај рачната кочница, во фиоката за документи и под тапацирот во багажниот простор на возилото пронајдени се 28 кутии чај за слабеење PAIYOUJI, 7 паковки капки за имунитет Blackseedsoil, 5 креми за враќање на природна боја на косата Discreet, 4 кремиBlackseeds, 1 спреј за подобрување на сексуални способности Spanishfly и 1 спреј за одложување на ерекција Viga..

Техничка стока

– 2.365 парчиња стоматолошки прибор (сепарил шајбни, борер со дијамантска прашина, мерачи за дебелина на метал, окулатор и артикулатор за протези, мандрели, пинцети, ножици, гуми за полирање), 1 килограм легура за протези и 1 каталог за бои за заби, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на српски автомобил управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените производи се пронајдени во две патни торби во возилото.

– 114 автомобилски делови, откриени во два оддвоени случаи. Во првиот случај, на граничниот премин Богородица, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, откриени се 92 резервни делови за патнички возила (грејачи за дизел мотор, сензори за кочници, релаи, тастери, вентили за филтер за гориво, термостати и друго), откриени. Непријавените автоделови биле сокриени под тапацирот во багажниот простор, зад и под резервната гума, во фиоката за документи и во фиоките под предните седишта на возилото. Во вториот случај, при контрола на македонски автобус, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце – мобилен царински тим откри 22 парчиња автоделови за возила NISSAN.

– 54 разни компјутерски делови (матични плочи, мемории, тастатури, мауси, видео-картичка, вентилатори, микропроцесори, USB приклучок за хард диск, мемориска картичка и друго) , 10 парчиња термална паста и 5 туби со силиконско масло, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул.

Царински измами

Минатата недела откриени се и два обиди за избегнување плаќање увозни давачки, од кои едниот со погрешно тарифирање на стока, а другиот со фиктивно раздолжување на стока.

Во првиот случај, на царинската испостава Струмица е откриен обид за избегнување на плаќање увозни давачки со погрешно тарифирање на стока. Фирма од Струмица пријавила за увозно царинење разна употребувана стока (комбајн, боксови за свињи за опрасување и прегради за хранилки за крави) со потекло од Франција, при што стоката „Боксови за свињи за опрасување-употребувани“ била декларирана во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. При физичка и документарна контрола на стоката, која се состои од метална конструкција и метални и пластични панели, било утврдено дека истата треба да се распореди во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 10% и стапка за ДДВ од 18%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, се пресметани дополнителни увозни давачки во износ од околу 127 илјади денари.

Во вториот случај, на царинската испостава Штип, е откриен обид за избегнување плаќање увозни давачки со фиктивно раздолжување на привремено увезена стока. Фирма од Штип, имател на одобрение за увоз за облагородување, со спецификација за раздолжување на привремено увезени стоки, приложена кон извозна декларација, се обидела да раздолжи 3.563 м2 флизелин, иако не бил вграден во финалниот производ, деклариран за извоз. Со дополнителната контрола, извршена од страна на Службата за надзор на иматели на одобренија при царинарница Штип, утврдено е дека 4.163 м2 флизелин се прикажани како да се вградени во финалниот производ, иако не влегуваат во состав на истиот. На тој начин, стоката била пуштена во слободен промет без да се платат увозни давачки во износ од околу 69 илјади денари. Против фирмата и одговорните лица е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка пред Комисијата за одлучување по прекршок.

Покрај тоа, при контрола на друга фирма од Штип, имател на одобрение за увоз за облагородување, заради констатирани неправилности во работењето, изречени се седум мандатни казни во износ од 130 илјади денари.

Минатата недела, се откриени и два обиди за криумчарење на наркотички средства.

Во првиот случај, при контрола на германски автомобил, управуван од грчки државјанин, на граничниот премин Табановце автопат – излез од државата, во внатрешен џеб од јакната на возачот, сместена во багажниот простор на возилото, мобилните царински тимови откриле 10 грама марихуана.

Во вториот случај, на граничниот премин Ќафасан, при личен претрес на романска државјанка, која како сопатник во романски автомобил, се пријавила за влез во државата, откриени се 1 таблета екстази, околу 1 грам кафеава материја за која сопственичката ракла дека е афродизијак и околу 1 грам хашиш..