„Леов“ го произведе првиот „смарт“ бојлер во светот

Компанијата Леов го произведе првиот „смарт“ бојлер во светот. Тоа значи дека не ви е потребен човек дома за да вклучи бојлер, туку тоа можете да го направите и преку мобилниот телефон за кој е креирана специјална апликација. Производот на македонскиот пазар ќе биде пуштен во септември.

„Бојлерот го изработи компанијата „Леов“, електронскиот термостат е на SMD,  a ARANEA ја изработија мобилната апликација. Што значи дека овој производ е комплетно македонски. Идејата за истиот ја имам уште со појавата на смарт телефоните. Во овој брз начин на живот кога речиси нема човек дома, овој смарт бојлер ќе може да се вклучува од било каде преку мобилниот телефон. Секој може да го користи многу лесно, а известување односно нотификација за било каква команда ќе добиваат другите членови на семејството кои ја имаат апликацијата на мобилен телефон,“ изјави генералниот менаџер на компанијата „Леов“, Златко Леов.

Според перформансите,  новиот електронски термостат на „смарт“ бојлерот заштедува дури 40 отсто електрична енергија за разлика од електромеханичкиот на старите модели. Бојлерот исто така има и четири нови функции антибактериска, има заштита од замрзнување, заштита од греење на суво и детектирање на грешка во сензорот.

„Електронскиот термостат е направен од најсовремени делови за да може да функционира беспрекорно. Не штедевме на неговата изработка која задоволува високи стандарди. Апликацијата за мобилниот телефон пак, може да се симне бесплатно,“ изјави Леов.

Компанијата Леов постои 30 години, извезува во 25 земји и освен во Европа имаат интенција да  извезуваат и во Азија. Произведуваат во три града, а нивниот извоз изнесува 12 милиони евра.

Според претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески иновативноста на компаниите е клучна за нивен развој и извоз, а компанијата „Леов“ е пример за другите компании и истата може да се носи со светските компании кои инвестираат во Македонија.

„Компанијата „Леов“ произведува прозводи кои се препознатливи и се бренд во регионот и Европа. Иновативноста, квалитетот, додадената вредност се клучните за извозот на македонските производи на светските пазари,“ изјави Азески.