Лепен верува во победа на десницата на европските избори во 2019-та

Челничката на француската крајна десница Марин Лепен оцени во вторникот дека е можно на изборите за Европскиот парламент во 2019 година да победат партиите од крајната десница, кои по правило се евроскептични и се залагаат за редефинирање на Европската унија, чиишто претставници се собраа во Ница на собир во организација на нејзината партија Национален фронт на кој го бранеа идентитетот на нациите и еленохристијанските корени на европската цивилизација.

„Перспективата за освојување на мнозинството за промена на Европа не е толку неверојатна. На нас е да ја оствариме таа историска победа. Да живее Европа на европските нации!“, порача Марин Лепен пред неколку стотици претставници на крајната десница од Европа во Конгресната палата во Ница.

Лепен притоа изрази желба за сојузување и склучување коалиции со другите европски движења, во прв ред членовите на парламентарната група Европа на нациите и слободата во Европскиот парламент, на којашто ѝ припаѓа и Националниот фронт, но и пошироко.

„Мислиме дека Европа можеме да ја промениме само преку Елисејската палата (?)… Европа можеме да ја промениме поаѓајќи од Европа“, оцени француската десничарка.

Лепен ја критикуваше „антиевропската Унија“ којашто „не ѝ служи на идејата на Европа, туку работи на нејзиното уништување со разводнување и потопување. Го осуди „миграциското лудило коешто ја потопува Европа“, и изрази жалење поради јакнењето на овластувањето на бирократијата на Европската унија поради што државите членки ги имаат сѐ помалку.

Како и неколку претходни говорници од поканетите европски партии, застана во одбрана на „еленохристијанското наследство“ на Европа „со коешто се гордееме“ како и со „вредностите на една од најдобрите човекови цивилизации“.

Лепен, исто така, го критикуваше францускиот претседател Емануел Макрон, од кого беше поразена на ланските претседателски избори во директното соочување во вториот изборен круг. Тој, според неа, смета дека „корените на Европа се мртви и ја повторува идејата според којашто не би постоела веќе француска култура туку номадски свет“.