Лесна победа на ПСЖ во дербито во Кнежеството

Во дербито од 14-то коло од француското фудбалско првенство Пари Сен Жермен на гостувањето го совлада Монако со 2:1, и ја зголеми предноста на табелата на девет бодови.

По еден гол во секое полувреме им беше доволно на парижаните за конечен триумф. Головите ги постигнаа најдобрите стрелци на ПСЖ, Единсон Кавани во 19 и Нејмар во 52 минута од пенал. Голот на надеж за Монако го постигна Мутињо од слободен удар во 81 минута.

Победата на ПСЖ можеше да биде изразена и со поголема разлика, бидејќи неговите играчи двапати ја погодија стативата од противничкиот гол, а не реализираа уште неколку одлични шанси. Особено неефикасен беше Килиан М’бапе кој минатата сезона настапуваше за Монако.

Во неделата се одиграни уште два натпревара. Лион ја декласираше Ница со 5:0, а Марсеј беше подобар од Гуингамп со 1:0.

Лион веќе по првото полувреме имаше предност од 4:0, а кога Ница во 70 минута остана со играч помалку, беше исклучен Марлон, прашање беше уште колку топки ќе завршат во нејзината мрежа. Стрелци беа Мемфис Депаи во 5 и 38 минута, Максвел Корент во 20, Мариано во 27 и Музиан Маолида во 79 минута.

Олимпик Марсеј беше подобар од Гуингамп со голот на Флориан Тувен во 31 минута.

На табелата води ПСЖ со 38 бодови, додека Монако и Лион имаат по 29 бодови, а последен е Мец со само четири бодови.