Летен камп „Ја сакам Македонија“

Во рамките на проектите реализирани од страна на Министерството за надворешни работи, е и Летниот камп – 2014 “Ја сакам Македонија”. Истиот веќе петти ден се одржува во хотелот “Десарет” во Охрид, за вкупно 100 деца од Заедниците на Македонците од соседните држави на Република Македонија, од балканските земји и дијаспората.

Во склоп на кампот, професори од Универзитетот “Гоце Делчев” Штип работат со децата на унапредувањето на нивните познавања за литературниот македонски јазик и култура. Дополнително, во предавањата за македонската историја се вклучија и научни соработници од Институтот за национална историја во Скопје.

За состојбата околу изучувањето на македонскиот јазик и воопшто почитувањето на човековите права на Македонците во соседните држави, зборуваа воспитувачите на децата – учесници од соодветние земји. Активностите на летниот камп ќе финализираат со квиз натпревар, турнир во мал фудбал и завршна приредба на која учесниците – ученици ќе се претстават со свои точки од областа на културата.

Исто така, децата – учесници во рамки на програмата на Летниот камп имаа можност да присуствуваат на натпреварите од ракометниот турнир Струга 2014, каде ги запознаа македонските ракометни репрезентативци, а во културниот и забавниот дел се дружеа и со македонската музичка ѕвезда Даниел Кајмакоски.