Летен режим на сообраќајниците

Воведена е времена измена на режим на сообраќај на државните патишта во Република Македонија, во период до 31 август, според информација од Министерството за транспорт и врски, стои во соопштението на АМСМ.

Се забранува сообраќај на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Забраната за деновите од викендот е: во петок од 17:00 до 22:00 часот; сабота од 09:00 до 18:00 часот и недела од 09:00 до 22:00 часот. Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство за здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот.

Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта, стои понатаму во соопштението.

На територијата на Град Скопје сеуште важи времениот режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила на подрачјето на Град Скопје.  Забраната важи во текот на денот и тоа од 10:00 до 20:00 часот, во периодот до 01 септември. Забраната не важи за возила кои превезуваат жива стока, лесно расиплива стока, хуманитарна помош, медицински препарати, комунални возила, возилата на ЈГП, превоз на експлозивни, запаливи и отровни материи, возила за превоз на градежни материјали (сиров бетон), како и градежна оператива кои вршат градежни работи на градилиштата за Општините во Скопје, Град Скопје и Влада на РМ.

Забрана за движење на тешки товарни возилеа над 7,5 тони има и на патниот правец Гостивар-Охрид. Ограничувањето на движењето е во следните периоди: петок од 15:00-24:00 часот, сабота и недела 07:00-24:00 часот. Овој режим на движење ќе важи до 1 септември 2014 година.

Појава на свлечишта е регистрирана на два патни правци:  регионалниот пат Пробиштип – Кратово  и патниот правец Р2433 Радовиш – Конче, на 11-тиот километар, каде што сообраќајот се одвива по една коловозна лента, а на двата патни правци има каде  забрана за движење на тешки моторни возила, стои во соопштението на АМСМ.

Се препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.

На повеќе патни правци во Македонија се одвиваат асфателрски или градежни зафати на патиштата, за што е поставена соодветна патна сигнализација.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.