Летна градежна офанзива во Скопје

Летово повеќе од забележителна е градежната активност на Градската власт, која aкцентот го става на изведба и реконструкции на улици кои се под нејзина надлежност. Дел од нив се веќе завршени, дел наскоро чекаат да бидат пуштени во сообраќај.

Во тек е проширување на четири булевари, а истовремено се работи на санирањето на ударните дупки.

Летово почна да се проширува булеварот Партизански одреди (кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров) и улицата Јордан Мијалков.

Со проширувањето на Партизанска на местото на постојната крстосница меѓу булеварот  и улиците Ацо Шопов и Ѓорче Петров, следниве денови се најавува формира нов кружен тек со дијаметар од 40 метри, односно коловоз од девет метри, со заштитна патека од 1,5 метри и средишно зеленило. Булеварот Партизански одреди ќе се проширува во две фази. Ова е првата фаза од градежните работи – изградба на кружен тек и проширување на булеварот Партизански одреди до влезот во автобазата на ЈСП. Втората фаза ќе следува по експропријација на земјиштето и ќе го поврзе булеварот со кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“. Градот Скопје во овој проект ќе вложи 50,5 милиони денари.

Во јули почна и проширувањето на улицата Јордан Мијалков, која се шири и ќе се реконструира на потегот од крстосницата со улицата Герман до пред крстосницата со улицата Павел Шатев. Проширувањето ќе се изведува по левата страна, гледано од булеварот Мајка Тереза кон улицата Павел Шатев. По проширувањето, оваа сообраќајница ќе добие три коловозни ленти со ширина од по 3,25 метри, средишна жардиниера со зеленило (1,5 метри), сервисна коловозна лента со паркинг широка 6 метри и тротоар. Во оваа реконструкција Градот ќе вложи околу 47 милиони денари.

Во завршницата се наоѓа и првата фаза од проширувањето на булеварот Трета македонска бригада, а наскоро треба да биде готово и булеварското решение од булеварот Србија до улицата Фрањо Клуз. Со проширувањето улицата Трета Македонска бригада ќе добие 4 коловозни ленти и средишно зеленило. За овој проект од градската каса се предвидени 133 милиони денари.

Во тек е и третата фаза од проширувањето на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. На потегот од крстосницата со булеварот 8.Септември до улицата Московска. Коловозот ќе биде асфалтиран со завршен слој асфалт – Сплит Мастикс од еруптивно потекло и полимер. Воедно градежните работи на овој дел од булеварот ќе се користат за да се постави нова атмосферска канализација во должина од  1.493 метри, а се прави и реконструкција на постојната фекална мрежа.

Пред месец ипол екипи  на Градот почнаа реконструкција на крајната сообраќајна лента на улицата пред автобуските постојки „Рекорд“ , „Комплекс банки“ и кај МАНУ. Досега се завршени реконструкциите на крајните сообраќајни ленти на двете страни на улица Димитрија Чуповски, како и на едната страна на булевар Крсте Петков Мисирков. Во завршна фаза на изградба е последната сообраќајна лента од двете страна на булеварот Кузман Јосифовски Питу кај Комплексот банки, а се’ уште се  работи на булеварот Крсте Петков Мисирков, од страната на МАНУ.

Сепак, за реконтрукцијата на булеварот Кузман Јосифовски Питу, јавноста упати големи критики, бидејќи за нецели четири години, улицата се поправа по трети пат. Сообраќајницата целосно беше санирана во 2010 година, но, многу брзо, поради неквалитетна изведба асфалтот пропадна. Тогаш инвеститорот беше задолжен на свој трошок да ја поправи „грешката“, но, очигледно не се потрудил многу, а асфалтот на одредени делови повторно пропадна. Според спроведените испитувања на Градаот, утврдено е дека проблемот е во неквалитетната подлога. Направен е нов проект според кој се вади тампонот во должина од 200 метри и длабочина од 1,1 метар, а потоа тој треба добро да се набие. А, за санацијата ќе се употреби и друг вид асфалт.

Проширување на крстосници

Во градежната програма на Градот, летово е и проширувањето на дел од крстосницата на булеварот Александар Македонски со улицата 16. Македонска бригада. Градежните работи се очекува да завршат за еден месец.

Направена  е и трета коловозна лента на улицата Скупи, пред вкрстувањето со булеварот 8.Септември, со што оваа прометна крстосница се прошири на должина од 200 метри.

grad1 grad2 grad3