Летово стартуваат авио линиите Охрид-Базел и Охрид-Лондон

Секој странец кога доаѓа во Охрид својот престој го започнува со позитивни импресии и прв позитивен впечаток. Инвестирани се десет милиони евра, целосно е модернизиран аеродромо Свети Апостол Павле, со реконструирани писти, со изградени нов ВИП објект, реновирани објекти во карго центарот, обновен паркинг, нова опрема и возила…истакна премиерот Груевски денеска од Охрид.

-За развој на туризмот создадовме можност за изградба на хотели на земјиште кое се продава по едно евро за метар квадратен, овозможивме поволни кредитни линии за туризмот, континуирано го рекламираме нашиот туристички потенцијал во странските медиуми, а со политиката на субвенционирање на тур оператори и нискобуџетни авионски линии, се вратија странските туристи во Охрид и Македонија на голема врата.  Работиме на уредување на плажите, веќе се изготвени идејни решенија и во моментот се врши проектирање на истите. Веќе е објавен повик за уредување на 500 метри плажа на Лагадин, во која ќе инвестираме 75 милиони денари и која треба да биде готова во наредните неколку месеци, рече Груевски.

Премиерот најави дека ќе се уредува и 150 метри плажа во Дебарца а рокот за изработка на документацијата е до крај на јули. Во Дебарца ќе се гради и патека покрај езерото а рокот за доставување на понуди за градба е во првата половина на мај.

-Туризмот на годишно ниво со над 1 милион евра го помагаме и со субвенции за тур-операторите за привлекување на странски туристи кои важат за над 15 земји од светот. Тука секако е и проектот за финансиска поддршка на евтините авиолетови, со кој набрзо и Охрид ќе добие две евтини авио линии до европски метрополи. Линијата Охрид Базел стартува летово, а во соработка со општината летово започнува и реализацијата на авио линијата Охрид Лондон со која ќе пристигаат и многу англиски туристи.

Изминативе осум години бројот на туристи е зголемен за повеќе од 40% а вкупното зголемување во туризмот изнесува речиси 100 %, рече Груевски.