Левандовски сака да го напушти Баерн

Најдобриот стрелец на германскиот фудбалски првак минхенски Баерн, 29-годишниот полски напаѓач Роберт Левандовски сака уште ова лето да го напушти клубот, изјави неговиот менаџер Пини Захави за спортскиот дневен весник Sport Bild.

„Роберт чувствува дека му е потребна промена и нов предизвик во кариерата. Одговорните луѓе во Баерн знаат за тоа“, вели Пини Захави со кој Левандовски започна да соработува во февруари годинава, по што набрзо се појавија шпекулациите за неговото можно заминување од Минхен.

Тогаш реагираше дирекорот на Баерн, Карл-Хајнц Румениге, и изјави дека „Левандовски има повеќегодишен договор и дека е среќен во Баерн“. Меѓутоа, се чини, дека тоа чувство кај полскиот репрезентативец се променило откако го ангажираше менаџерот кој го оствари рекордниот во историјата фудбалски трансфер на Бразилецот Нејмар од Барселона во Пари Сен Жермен за 222 милиони евра.

Како клубови кои се заинтерсирани за доведување на Левандовски веќе во овој преоден рок најчесто се споменуваат Челзи, Манчестер Јунајтед и ПСЖ, а во претходните години често беше поврзуван и со трансфер во Реал Мадрид.

„Мотивите на Роберт не е се парите или некој одреден клуб, бидејќи речиси сите големи клубови сакат во својот двор да го имаат најдобриот стрелец на светот“, додава Захави.

Левандовски во Баерн пристигна во 2014 година од Борусија Дортмунд и во последните четири години го освојуваше првенството на Германија, а во три од четирите сезони беше и најдобар стрелец во Бундеслигата. Тоа што му недостига во ризницата со трофеи е титулата европски шампион, а со Баерн не успеа да дојде ниеднаш подалеку од полуфиналето.