Левичарската група ја презеде одговорноста за нападот врз домот на германскиот амбасадор во Атина

Левичарската организација „Група на народните борци“ вчера ја презеде одговорноста за нападот врз домот на германскиот амбасадор во Атина, што беше спроведена во декември 2013 година, соопштува весникот „Катимерини“.

Во соопштението објавено на сајтот на друг грчки весник, групата вели дека го извршила нападот во знак на солидарност кон Грците, чиј животен стандард се распадна од владините мерки.

„Додека пукавме кон луксузниот дом на германскиот амбасадор, мислевме на илјадниците луѓе кои чекаат пред социјалните кујни, невработените и оние кои работат за 400 евра месечно“, стои во пораката.

Нападот врз домот на германскиот амбасадор групата го посветува на споменот на Димитрис Христулас, пензионер кој се застрела на плоштадот „Синтагма“, во април 2012 година.

Групата ја презема одговорноста и за нападот врз канцеларија на партија „Нова демократија“ , што се случи во јануари.