ТОП

Либански компании заинтересирани за соработка со Македонија

Либански компании заинтересирани за соработка со Македонија
Либански компании заинтересирани за соработка со Македонија

Либански компании за недвижнини, туризам, алтернативни извори на енергија, производство и извоз на прехранбени производи и земјоделство и македонски компании од различни сектори денеска на средби во Скопје ги разгледуваат можностите за соработка преку пласман на производи и инвестиции.

– Либанските бизнисмени се заинтересирани за почнување трговија и извоз со македонски компании, а првиот чекор кон инвестици во Македонија е денешната средба, изјави Самир Софан, претседател на  Либанско-македонскиот совет на бизнисмени во Либан, кој потпиша Меморандум за соработка со Стопанската комора на Македонија.

Според Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македoнија, има потенцијали за соработка и покрај незначителната трговска размена меѓу двете држави во изминатиот период.

– Трговската  размена меѓу Македонија и Либан до  2014 година беше незначителна и изнесуваше стотици илјади долари, а лани е склучена една позначајна зделка од пет милиони долари. Тие податоци не треба да бидат појдовна точка во разговори затоа што реално се работи за непостоечка соработка која сега треба да почне скоро од нула, истакна Пешев.

Потенцира дека е важно што значаен дел македонски производи може да бидат пласирани на либанскиот пазар. Можеме да бидеме сериозна појдовна точка за бизнис заедницата од Лабан која во Македонија, како што рече, може да најде партнер за влез во регионот, а со потпишаните договори со ЕУ и на останатите други пазари во Европа.

– Постои можност за соработка во инвестирањето во двете земји и сметам дека оваа соработка во скоро време ќе има  реализација со конкретни зделки, рече Пешев.

Со потпишаниот Меморандум, како што посочи Софан, се поставува рамка за долгорочна соработка, за наоѓање можности за деловна соработка и инвестиции во различни области.

– Со Стопанската комора во Македонија ќе работиме на зајакнување на односите со деловните заедници од двете земји, исто така ќе ги поттикнуваме и поддржуваме извозот и услугите во разни сектори, користејќи ги постојните врски, но и преку размена на знаење и информации, наведе Софан.

Либанско-македонскиот бизнис совет е формиран во Либан со цел да ја подобри економската соработка помеѓу двете држави.