Либија не прифаќа прифатни центри за мигранти

Либија го отфрли планот на ЕУ за поставување центри за мигранти во земјата со образложение дека нема да бидат заведени со финансиски поттик, рече либискиот премиер Фаез ел Сараж.

Италија минатиот месец предложи да се отворат центри за прифаќање и идентификација на мигранти во Африка, со цел да се решат поделбите меѓу европските земји поради приливот на повеќе од еден милион имигранти од 2015 година.
Либија е главната почетна точка за мигрантите кои се обидуваат да стигнат до Европа, најчесто во лоши гумени чамци што ги добиваат од криумчарите со луѓе.

Апсолутно се спротивставиме на официјалната желба на Европа ние да ги сместиме нелегалните мигранти кои ЕУ не сака да ги прими, рече Сараж за германски „Билд“.
Тој ги негираше тврдењата дека либиската крајбрежна стража пукала кон хуманитарни работници кои се обидувале да ги спасат мигрантите во Средоземното Море.

Ние секојдневно спасуваме стотици луѓе во близина на брегот на Либија. Нашите бродови се постојано во движење, рекол Сараж, додавајќи дека Либија е оставена сама да ги спасува мигрантите во Медитеранот.
Тој нагласи дека неговата земја има потреба од поголема техничка и финансиска поддршка.

Според Агенцијата за миграција на ОН, 51.782 мигранти и бегалци влегле во Европа до 18 јули, а од почетокот на годинава во Средоземното море се удавиле 1.490 лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.