Либиски пратеник тврди дека екстремисти од ИД со бродови доаѓаат во Европа

Екстремисти од Исламска држава стигнуваат на тло на Европа со бродови со кои криминалци по Медитеранот пренесуваат мигранти, тврди Абдул Басит Харун, советник во либиската Влада, пренесува МИА.

Во изјава за Би-Би-Си, тој вели дека криминалци кријат екстремисти на бродови со мигранти и оти ИД им дозволува на сопствениците на бродови да продолжат со работа за половина од нивната заработувачка.

Советникот дошол до тие сознанија по информации од региони во Северна Африка кои ги држат под контрола екстремистите.

– ИД користи бродови за свои луѓе кои сакаат да ги испратат до Европа бидејќи европската полиција не знае кој е од ИД, а кој обичен бегалец, изјави Харун за британското радио.

– Екстремистите често седат одвоено од другите мигранти, додава тој.

Официјални лица од Италија и Египет веќе предупредуваа дека екстремисти од ИД може да дојдат во Европа со бродови на мигранти. Оваа година околу 60.000 луѓе се обиделе да го преминат Медитеранот бегајќи од судири и сиромаштија.