„Лице в лице“ со претстава во „Галерија 8“ слави втор роденден

Актери на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, утревечер во 20 часот во „Галерија 8“ во Безистенот во Старата скопска чаршија, ќе ја воведат публиката во дел од процесот на работа за новата претстава „Мажот е маж“ на Бертолт Брехт, во режија на Мартин Кочовски, отворајќи го прашањето за човечноста, за страхувањето да се биде човек, за мудроста да се остане човек.

Настанот е во рамките на промоцијата на уличното списание „Лице в лице“ кое својот нов број го посветува на ангажираната страна на уметноста и воедно го прославува својот втор роденден. Заедно со пријателите на „Лице в лице“ утревечер ќе бидат дувнати две свеќички во чест на уличното списание кое изминативе две години ја дава поддршката на најранливите сограѓани (младинци на улица, бездомници, лица со посебни потреби, социјално загрозени лица …) и освен што им овозможува финансиска добивка (половина од продажната цена е наменета директно за продавачот), специјално за нив креираше и едукативна и инклузивна програма со која, дел од нив, успешно се вклучуваат во општествените случувања. Тортата, како и онаа за првиот роденден е подарок од пријателите на „Лице в лице“ –  „Вешта жена“.

Публиката ќе има можност да биде „гостин“ на проба и да го почувствува процесот на создавање на претстава според Брехт. По овој дел, актерите, заедно со водителот Огнен Јанески во улога на модератор, ќе зборуваат и за личниот порив да се гради театар со став, да се застане над популистичкиот театар, како и за улогата на индивидуалецот во општеството и за силата на колективот кој што тие со години наназад го градат.

Прилепскиот колектив се наоѓа и на насловната страница на новиот број на уличното списание кое донесува и текст посветен на нив, инициран по повод претставата „Швејк во Втората светска војна“ исто така во режија Кочовски, поттикнат од единството и јасната цел на оваа армија актери, а инспириран и од новата копродукциска претстава „Мажот е маж“ и влијанието на германскиот драмски писател и поет, Бертолт Брех на овие истомисленици.
Расчленувајќи ги содржините, прашањата, дебатите и давајќи еден поинаков поглед на функциите на уметноста и на нејзината ангажирана страна, новиот број на списанието донесува повеќе интервјуа, анализи, текстови во кои ги бара одговорите за моќта и улогата на уметноста во трансформацијата на општеството, за важноста на активизмот како граѓанска алатка, за уметноста како став, за промените што ги продуцира независната сцена, за улогата на уметноста во работата со ранливите сограѓани, за добронамерните граѓански акции.

На овие теми своите ставови ги споделуваат академикот Влада Урошевиќ, професорите Небојша Вилиќ и Милена Драгичевиќ – Шешиќ, актерката Јасмина Билаловиќ, уметниците Ване Костуранов и Велимир Жерновски, менаџерот во културата Билјана Тануровска – Ќулавковски, уметничкото дуо „Ефемерки“…Како член на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), „Лице в лице“ донесува и интервју со израелскиот режисер Ари Фолман, познат по својот наградуван филм „Валцер со Башир“, како и првото интервју на вдовицата на Нелсон Мендела, Граса Машел, после смртта на нејзиниот сопруг.