„Лидер“: Греење на пелети – економски ќар и почиста средина

Четиригодишниот проект на ВМРО-ДПМНЕ за субвенционирање на греењето со пелети значително ќе ја промени сликата за грејната сезона во земјава. Познавачите велат дека семејствата што ќе се решат да го искористат проектот ќе заштедат значително, но и ќе бидат помали загадувачи. Финансиската стимулација може да се покаже како пресудна во зима да дишеме почист воздух, пишува Лидер.

 Што предвидува проектот на Груевски?

Субвенции за купување печки на пелети, намалување на ДДВ-то и за печките и за пелетите, субвенции за инсталирање на системи за греење на пелети во големи објекти коишто вршат јавни дејности. Ова е суштината на проектот на Никола Груевски. Ќе се спроведува од 2017-та до 2020-та година и ќе ги чини околу 14 милиони евра, односно по 3,5 милиони евра годишно. Од овие 3,5 милиони евра годишно, 2,5 милиони ќе бидат пласирани кај домаќинствата, а 1 милион за потребите на големите потрошувачи.

Финансиска стимулација за домаќинствата е огромна, бидејќи државата ќе покрива и до 70 проценти од трошоците за замена на печките на дрва со оние на пелети, односно до максимални 30 илјади денари.

-За набавка на печка од шест киловати за затоплување површина до 60 квадратни метри, за која се потребни околу 40 илјади денари, ќе се субвенционираат 28 илјади денари. За осум киловатна печка, која загрева површина од 80 квадратни метри, ќе се субвенционираат до 30 илјади денари, што е горниот лимит на субвенцијата. Ова е мерка која засега огромен број граѓани и затоа ние нудиме проекти што ќе им помогнат на огромен дел од нив, тоа е нашата вредност и нашата обврска кон граѓаните. Таа обврска ја исполнуваме, вели Груевски.

Во исто време ќе се влијае и на другата страна од бизнисот, односно за да се постигне ефектот од целиот проект, ќе се намали ДДВ-то за пелетите од 18 на 5 проценти.

-Ако едно домаќинство во една сезона троши три тони пелети, при што со постојната цена има трошок од 34.500 денари, со намалување на стапката на ДДВ ќе троши 30.600 денари, односно 3.900 денари помалку. Ќе дојде и до значително поевтинување на печките на пелети, вели Груевски.

Пресметката покажува, граѓаните со големи заштеди!

Математичката пресметка покажа дека субвенциите ќе донесат значителни заштеди за граѓаните во грејната сезона. На пример, за набавка на печка на пелети за површина од 60 квадратни метри, домаќинствата ќе платат само 11 илјади денари.

-Печка со систем за дување на топол воздух за површини до 60 квадрати чини 42.500 денари со 18% ДДВ и сезонска потрошувачка на 1,5 тон пелети. Со намалување на ДДВ-то, печката ќе чини 36.888 денари, државата со субвенција од 70% ќе покрие 25.821 денари, а граѓанинот 11.066 денари, вели директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџовски.

Граѓаните кои користат пелети велат дека трошоците им се значително намалени откако се преориентирале кон овој начин на греење.

-Ние веќе користиме, задоволни сме, поекономично поминуваме и ќе продолжиме со пелети, вели Томица Аневски.

Рафајловски е едно од семејствата коишто се греат на пелети. Господинот Душко ја раскажа приказната за ТВ Нова, вели ефектите се огромни.

-Ја поздравувам акцијата за примена на пелетите во семејните домови од неколку причини, меѓу кои се тоа што немаме дополнителни дејности како цепење на дрва, а греењето е доста поекономично, бидејќи со помалку средства се греат поголеми површини. Порано се греевме на електрична енергија. Плаќавме по 20 илјади денари, а лани со пелети поминавме со 12 илјади денари за 300 квадрати, вели Душко.

Тој објаснува и дека не се валка просторот, котелот е современ и се чисти еднаш неделно.

Во исто време, ќе се делува и во пошироки рамки.

-Предвидени се субвенции за инсталирање системи за греење со радијатори на пелети во големи станбени објекти, градинки, училишта, болници, јавни претпријатија, и тоа во оние населени места кои не се приклучени на системот за централно градско греење,  објаснува Груевски.

Што се пелетите?

Пелетите се прават од пресувани остатоци од дрво, а загадувањето од загревањето со печки на пелети во однос на старите печки на огревно дрво е за 20 пати помало. Оттука, замената на стара печка на дрва со онаа на пелети ќе придонесе за годишно намалување на емисијата на штетните ПМ честички од 1.728 милиграми.

Пелетите се обновлив извор на енергија, бидејќи претставуваат дрвена пелевина, имаат ниска цена, лесни се за употреба, даваат повеќе топлина, еколошки се и придонесуваат за заштита на животната средина, па поголемата употреба ќе придонесе за намалување на загадувањето.

Македонски шуми ќе отвори погон за производство на пелети

ЈП „Македонски шуми“ има во план да отвори и погон за производство на пелети, проект што би се реализирал преку јавно – приватно партнерство. Во услови кога голем дел од населението со грее на дрва, а на пазарот се појавува дефицит, „Македонски шуми“ ќе се специјализира за производство на пелети и ќе донесе конкурентност на пазарот.

Со ова, Македонија ќе се приклучи кон развиените земји во овој сегмент. Во Европа, Германија е најголемиот производител, па следуваат Шведска и Латвија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.