„Лидер“: Македонија се модернизира – вложени милијарди во инфраструктурата

Македонија се модернизира. Милијарди евра се вложуваат во нова и квалитетна инфраструктура, земјава се поврзува, се градат нови автопатишта, магистрални, регионални и локални патни правци, железнички пруги. Во Македонија во моментов се гради автопат до Охрид, што претставува капитален проект за земјава, се гради автопат кон Штип, односно кон најголемиот економски центар на истокот, се гради автопат долж Коридорот 10, се изведува железничка пруга кон Бугарија, се проектира кон Албанија, се реконструираат железничките станици. Илјадници градежни работници се на терен, со што се придонесува кон динамизирање на целата економија, пишува Лидер.

Новиот автопат стигна до влезот на Охрид!

Механизацијата на потегот кон Охрид е ставена во полн погон. Градежната сезона е полн ек, временските услови се поволни, се работи да се биде во тек со предвидената динамика. Завршени се 35 проценти од планираните работи, а веќе се пробиени над 80 отсто од трасата.

Станува збор за проект со илјадници луѓе, односно градежни компании, работници, луѓе од надзорен одбор, архитекти, проектанти. Се работи за проект за граѓаните да добијат еден квалитетен европски пат и ние сме фокусирани максимално кон тоа, вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Според проценките, до крајот на годинава треба да бидат завршени 50 проценти од градежните работи, а автопатот целосно треба да биде готов до 2018-та година. Во моментов, на терен се 1.200 работници и над 550 градежни машини.

Градежните работи на автопатот се одвиваат според предвидената динамика. За време на претстојните летни одмори долж трасата ќе биде поставена дополнителна патна сигнализација за да се зголеми безбедноста во сообраќајот, вели директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојановски.

Автопатот од Кичево до Охрид, односно „Мајка Тереза“, е во должина од 57 километри, а инвестицијата е тешка 374 милиони евра.

Идната година ќе почне изградбата и на автопатска делница од Требеништа до Струга, во должина од 8,5 километри. Веќе се работи на техничката документација, по што ќе оди селекцијата на изведувачот. Парите се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

Македонија добива нови километри автопат

Градежните работи на потегот Миладиновци – Штип одат побрзо, пробиена е речиси целата траса, започнато е асфалтирањето, а новиот автопат треба целосно да биде готов кон крајот на идната година. Се работи за делница од 47 километри, инвестиција вредна 206 милиони евра.

Во завршна фаза е и делницата Демир Капија – Смоквица во должина од 28,2 километра, со што Коридорот 10 целосно ќе се заокружи на ниво на автопат. Проектот вреден 210 милиони евра го работи грчки „Актор“, а треба да биде готов кон крајот на оваа или на почетокот на идната година.

Изградбата на овие автопатски делници претставува изградба на капитални проекти од национално значење, бидејќи само со овие автопатски делници се зголемува вкупната автопатска мрежа во државава за 50 проценти, вели владиниот портпарол, Александар Ѓеоргиев.

Паралелно, се рехабилитираат и постојните автопатски делници. Започнати се градежните работи на потегот од Куманово до Миладиновци, во должина од 23 километри. Се работи за проект што се работи со пари од ИПА фондовите и од државниот буџет. Отпочнати се и градежни работи за обнова на трасата од Смоквица до Гевгелија во должина од 10,15 километри, што исто така се реаизира со пари од ИПА програмата.

Се осветлуваат и тунелите низ Коридор 10

Паралелно со изградбата на нови патишта се работи и на зголемувањето на безбедноста на возачите. Во тек е проектот за осветлување на тунелите долж Коридорот 10 со ЛЕД сијалици, со што значително ќе се зголеми прегледноста за возачите.

Преку овој проект ќе се санираат 7 тунели и тоа: тунел Блаце, тунел на патот Градско-Прилеп, тунел на патот Битола-Прилеп, тунел на автопатот Велес-Катланово, и трите тунели на автопатот Катланово-Велес. Вкупната вредност на овој проект е 23,4 милиони денари  и се очекува до крајот на годинава комплетно да бидат завршени,  вели  директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојанов.

Пруга кон Бугарија – реалност, а не празно ветување

Пругата кон Бугарија досега во повеќе наврати беше ветувана, но оваа Владата за првпат почна го спроведува проектот и да ги гради километрите. Веќе е објавен тендерот за втората фаза, проект вреден 140 милиони евра.

Ние започнавме со градежни активности во првата фаза. Се работи за инвестиција од 40 милиони евра, тоа е од Куманово до Бељаковце. Сега ја објавивме втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка, а во тек сме и со проектирање на третата фаза. Ова значи една голема и важна работа за нашата држав,а бидејќи претходно само ветуваа кога ќе се изгради пругата, ние  конкретно, со дела на терен покажуваме дека се работи, вели Мисајловски.

До крајот на годинава треба да се избере изведувачот и да се почне со работа на втората делница.

 Ако сè оди по планот, за четири години е предвидено да завршат сите градежни работи на пругата кон Бугарија, и во 2020 година Скопје и Софија да се поврзат и по железнички пат”, вели директорот на ЈП Македонски железници – инфраструктура, Ирфан Асани.

Со воз и до Албанија – стратешко поврзување

Железничка пруга ќе се гради и кон Албанија. Во моментов се работи на проектирањето на трасата во должина од 63 километри. Предвидена е врска Кичево – Лин и крак кон Охрид. Откако ќе заврши проектирањето ќе се знае и проценетата вредност на проектот.

Станува збор за приоритетен проект, кој е од регионално значење за економскиот развој на повеќе земји, затоа сметаме дека треба да биде финансиран од европските фондови, велат од Министерството за транспорт и врски.

Модернизација на железничките станици

Паралелно со изградбата на железничките пруги се реконструираат и железничките станици. Се реновираат билетарите, чекалните, санитарните јазли, кровните  конструкција, фасадите на објектите, се инсталира нова електрика, системи за греење и ладење, се поставуваат нови табли.

Активностите одат добро, досега комплетно се завршени шест железнички станици на Коридорот 10. Набрзо се очекува воведување во градежните работи на железничките станици во Богомила и Чашка, а поради објективни причини имаме мало пролонгирање во однос на гевгелиската железничка станица поради мигрантската криза и чекањето на мислење од Управата за културно наследство во однос на реконструкцијата на железничката станица во Битола. Сето тоа заедно со инвестициите што ги имаме во скопската железничка станица, којашто е најголема по обем и протек на патници, а е во финална фаза, дава заокружување на еден процес кој значи инвестиции на државата во железницата, владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Освен во инфраструктурата, се вложува и во транспортот. Набавени се нови 150 товарни вагони, шест нови патнички вагони, во план е набавка на нови електрични локомотиви.