„Лидер“: Раст на извозот и нови работни места

Компаниите од слободните економски зони работат со полна пареа. Се зголемуваат производството и извозот, се отвораат нови работни места. Последните показатели упатуваат на значително зголемување на извозот од фабриките во ТИРЗ, но и на поблиска соработка со домашните компании, пишува Лидер.

За петте месеци од годинава, извозот е зголемен за над 28% во однос на истиот период лани и веќе надмина 715 милиони евра. Само во мај е достигната вредност од 150 милиони евра, што претставува раст од 20 проценти.

Седумнаесет странски инвестиции за пет месеци

Во првите пет месеци од годинава, и покрај политичката нестабилност и криза, привлечени се 17 странски инвестиции. Дел од компаниите ги објавија плановите, други градат, трети произведуваат. Компании кои се веќе присутни во слободните зони се решија повторно да инвестираат.

Успеавме во намерата да донесеме сериозни компании со долгорочни планови за инвестиции. Како резултат на тоа во наредните години, само во веќе постоечките компании, бројот на вработени во странските инвестиции речиси двојно ќе се зголеми и ќе се стигне до бројката од околу 34.000 директни вработувања, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Реинвестирањето на странските инвеститори е најдобрата потврда за добрата бизнис – клима во земјава, но и препорака за потенцијалните инвеститори, кои добиваат сигнал дека и покрај политичката криза, во земјава постои потенцијал и можности за успешно деловно за работење и за создавање профит.

Странците реинвестираат во Македонија

Дел од странските компании кои веќе влегоа и работат во земјава повторно се одлучија да инвестираат во земјава. Тоа го направија „Џонсон Мети“, „Џонсон Контролс“, „Текнохозе“, „Ван Хол“.

Британската „Џонсон Мети” ја избра Македонија како дестинација за својата инвестиција во фабрика за автокатализатори во конкуренција на 13 земји. Во Бунарџик се позиционираше како најголем, а воедно и најуспешен инвеститор. Во почетокот, „Џонсон Мети“ вложи 80 милиони евра и вработи над 350 луѓе, за веќе во 2012-та да ја прошири дејноста, да изгради нова фабрика, да вложи 65 милиони евра и да креира нови 300 работни места. Се работи за компанија со операции во над 30 земји во светот и околу 12.000 луѓе.

„Џонсон Контролс“ почна да работи во Бунарџик, а потоа фабриката отиде во други раце. Но, „Џонсон Контролс“ отвори фабрика во Штип за производство на навлаки за автомобилски седишта со 1.500 вработени за сега да влезе и да стане прв инвеститор во слободната зона во Струмица. Инвестицијата е тешка 20 милиони долари, ќе донесе нови 1.500 работни места. Дејноста останува иста, производство на покривки за автомобилски седишта.

Ова не е само значајна инвестиција од 20 милиони долари, туку истовремено и можност за нови вработувања, кои заедно со оние во фабриката во Штип изнесуваат над 3.000 работни места, вели директорот во „Џонсон Контролс“, Питер Хајфт.

Нова фабрика во Бунарџик 2 гради и белгиски „Ван Хол“, компанијата што Македонија ја профилираше како извозник на автобуси. Новата инвестиција на Белгијците е вредна 17 милиони евра, а преку неа за двојно ќе се зголеми капацитетот за производство на автобуси. Во компанијата веќе се вработени повеќе од 800 луѓе.

Досега стигнавме до бројка од над 1.000 автобуси, од кои 900 за американскиот пазар и 100 за европскиот пазар, вели сопственикот на компанијата, Филип ван Хол.

„Ван Хол“ испрати гласна порака до потенцијалнитен инвеститори, бидејќи одлуката за повторно инвестирање ја донесе во екот на политичката криза во земјава.

Оваа инвестиција вредна 17 милиони евра и 450 нови директни вработувања, плус 100 индиректни, е донесена во еден специфичен период што бараше од нас додатни напори, во убедувања на компанијата. Во убедувања на сопствениците дека нема да имаат никакви ризици, имајќи ја предвид  политичката криза којашто ни е наметната во изминатата година и пол. Многу ни помогна тоа што компанијата веќе е стационирана во Македонија, не запозна и нас и земјата, и предностите што ги дава Македонија и економскиот тим на Владата, вели Груевски.

Домашните компании земаат дел од колачот

Странските компании се важни за македонската економија, бидејќи добар дел од бизнисот завршува во домашни компании. Само лани нашите компании од странците инкасираа околу 50 милиони евра.

Јас очекувам овој позитивен тренд да продолжи како резултат на активноста на домашните компании и зголемената соработка со странските инвеститори, но и поради најавените нови странски инвестиции кои ќе отворат фабрики и ќе придонесат кон намалување на невработеноста во земјава, смета извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Со слични очекувања се и странските инвеститори.

Постоечките инвестиции се прошируваат, се вработуваат нови луѓе и тоа е доказ, форма на доверба, вели првиот човек на македонско – германската стопанска комора, Мартин Кнап.

Според економистите, во претстојниот период е можно да се очекува оваа соработка да оди уште подлабоко.

Мислам дека ќе бидеме сведоци на „joint venture“ активности во зоните, што е позитивно за македонската економија, бидејќи ќе придонесе за дополнителни вработувања, зголемена потрошувачка, повисоки плати, забрзан раст, објаснува универзитетскиот професор Сашо Кожухаров.

Странските инвеститори сметаат дека кризата треба да заврши што поскоро, за да забрза инвестицискиот циклус.

Ако политичкото опкружување се стабилизира побрзо, тогаш не само што ќе се привлечат нови инвестиции, туку ќе им се помогне и на сегашните, постојните, да ги прошират своите деловни активности, вели претседателот на Советот, Штефан Петер.