сабота, 3 декември 2016  |  Вести денес: 43

ЛИДЕР: Рекорден раст на извозот од зоните!

Македонија е во нов инвестициски циклус. Се зголемува бројот на странски, но и на домашни компании кои носат одлуки да го вложат својот капитал во нови капацитети, да отворат фабрики и производствени погони во слободните и во индустриските зони. Расте вработеноста, се зголемува извозот, се придонесува кон развој на целата економијата, анализира економскиот портал ЛИДЕР.

зоните

Поврзани вести

„Извозот како процент од БДП годинава ќе достигне 50 проценти. Неопходно е да креираме пораст на извозот како процент од БДП и во тоа странските директни инвестиции имаат клучна улога. Тие носат продуктивност и интеграција на домашната во странската економија. Мал дел компании кај нас, а и на светско ниво, го даваат целокупниот извоз. Извозот е моторот за пораст и домашните компании треба да се преструктурираат, како и да се зголеми странскиот капитал“ – советува првиот човек на Народна банка, гувернерот Димитар Богов.

Огромен удел во растот на извозот од Македонија имаат компаниите од слободните економски зони.

„Извозот од зоните веќе го достигна нивото на цела 2015 година, што значи дека имаме околу 1,5 месеци извозот да се зголеми. Тоа укажува дека до крајот на годинава ќе имаме дополнителни 20 проценти раст на извозот во споредба со минатата година“ – соопшти првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Расте соработката со домашните компании

Македонската економија се менува. Инвестицискиот бум резултира со трансфер на знаења и на нови технологии, што долгорочно ќе отвори можност токму домашните компании да бидат носители на економскиот раст.

„Добро е да се задржи политиката на привлекување директни странски инвестиции, но со фокусирање на нивно поврзување со домашните претпријатија и целосна транспарентност во делот на она што се троши за да се привлечат. Спојката меѓу странските и домашните компании треба да биде потпомогната со политика на Владата, а сега е вистинско време за тоа“ – оценува универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Паралелно, соработката меѓу домашните и странските инвеститори од месец во месец станува сè поголема и поинтензивна, што резултира со создавање дополнителна додадена вредност и креирање на индиректни работни места.

„Работниците земаат плата, одат во локалните продавници, купуваат, трошат, што значи дека се мултиплицира ефектот од инвестицијата. Оттука, позитивните ефекти не се само во непосредните вработувања“ – објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Во моментов над 500 домашни фирми се партнери со странските инвеститори и годишно инкасираат и до 50 милиони евра.

„Најактуелно е да ги вмрежиме странските со македонските компании, бидејќи во тој синџир на добавувачи меѓу домашни и странски компании навистина има големи бенефити“ – вели извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.

Постигнат е ефектот на „снежна топка“

Македонија е атрактивна дестинација за странските инвестиции, тоа го потврдуваат високите рангирања од меѓународните финансиски институции, тоа се потврдува и во реалноста. Во земјава влегоа гиганти во светскиот бизнис кои претставуваат доволна препорака за сите потенцијалните инвеститори, со што го постигнавме ефектот на „снежна топка“.

„Кога се создава доволно голема основа, доволен број на странски инвестиции, тие потоа сами, без поддршка од Владата, генерираат нови инвестиции. Ако се задоволни постојните, тие го пренесуваат добриот збор и бројот на странски инвестиции се зголемува. Ние успеавме во намерата да донесеме сериозни компании со долгорочни планови за инвестиции. Како резултат на тоа во наредните години, само во веќе постоечките компании, бројот на вработени во странските инвестиции речиси двојно ќе се зголеми и ќе се стигне до бројката од околу 34.000 директни вработувања“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Можности и за домашните компании

Владата настојува да привлече нови странски инвестиции во зоните, но паралелно да ги поттикне и домашните компании да ги искористат можностите. Во Бунарџик веќе се гради фабриката на „Хај-тек“, инвестиција од 20 милиони евра што ќе донесе 300 вработувања.

„Процедурите за добивање градежна дозвола се особено кратки, што е многу важно. Исто така, рамниот данок во Македонија е од особена важност за сите стопанственици. За нашата инвестиција во Бунарџик сè се одвива согласно планот“ – вели Саво Станковиќ, сопственик на домашната компанија „Хај-тек“.

Почна да се гради и фабриката на домашната компанија „ФПЦ Технопласт“, инвестиција од 10 милиони евра што носи уште 200 работни места.

„Согласно интерните планови на компанијата во првата фаза ќе се инвестираат 6 милиони евра за изградба на нов објект и инвестирање во нова опрема и технологија за производство на алати и пластични компоненти. Во втората фаза ќе направиме проширување на објектот и ќе инвестираме дополнителни 4 милиони евра“ – вели директорот на компанијата, Ѓорче Тодоровски.

Целокупното производство ќе се извезува во ЕУ и ќе се вградува во автомобилските брендови како Мерцедес, БМВ, Ауди, Порше, Рено и Нисан.

„И македонските компании можат да влезат во зоните, условите за инвестирање кои важат за странските компании важат и за домашните инвеститори“ – објаснува Мизо.

До крајот на годинава бројот на вработени во слободните економски зони ќе достигне 7.500 луѓе, но ако се има предвид дека голем дел од компаниите оперираат надвор од зоните, како „Дрекселмаер“ во Кавадарци, „Кромберг и Шуберт“ во Битола, „Гентерм“ во Прилеп, „Маркард“ во Велес, „Амфенол“ во Кочани,тогаш е јасно дека бројот на вработени рапидно ќе се зголемува во претстојниот период, бидејќи покрај новите инвеститори и постојните најавија нови вложувања.

„Амфенол веќе има две фабрики и три погони во Кочани. Градбата на третата фабрика и на четвртиот погон треба да заврши во средината на 2017-та и да отвори нови директни 400 работни места. Со сите нивни фабрики, постоечки и со новата,  „Амфенол“ ќе достигне 2.500 нови вработувања“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Најчитани вести