Лидер: Востаниците ќе вапсаат јајца на Халкидики

Веќе ни стоката не може да го издржи ова што се случува во Македонија. Почна да се поболува од нешто што ветеринарите го нарекуваат „јазлеста кожа“. За разлика од добитокот, Човекот во земјава може да истрпи сѐ.  Дури и нешто што некои го нарекуваат „шарена револуција“, пишува Лидер.

Во продолжение следува текстот превземен од Лидер:

Сега, бидејќи доаѓа Велигден белки и „револуцинерите“ ќе вапсаат јајца. И така вишок боја за фрлање имаат. Освен тоа, ефектот од истурање боја по спомениците, ако не се смета штетата што е направена, е еднаков на скршени и бајати велигденски јајца. Оние што веќе неможат да се искористат ниту во „Мимоза“ салата.

Дека овие „револуцинери“ немаат јајца за кршење, дрвени на пример, туку се обичен „сматок“ се виде уште првиот викенд откако почна востанието. Во средата го палеа мебелот од Народната канцаларија на Иванов, но веќе во сабота ги распалија пурите во Солун. Го преселија востанието на Халкидики и со литри узо, мрежи ципури и чад од скара и пури ги ладеа главите вжештени од шаренилото во татковината. И така секој викенд од оваа двонеделна „обоена“ револуција. Рецептот е ист, во понеделник се „јачаме“ и едвај чекаме петок. Во сабота маршира дежурна  екипа, во недела пауза. Востаничките чети одмараат. Полнат батерии.

Така е, еве и за Велигден и Први мај. Место револуцијата да побара поддршка од „незадовлниот работник“ и да се надгради со голем синдикален протест, тераат празник. Скара под сенка. Незадоволни работници нема, а директориве – револуционери сами, немаат јајца за кршење, па не им останува ништо друго да си ги ладат нивните во Егејот.

Да не е смешно би изгледало злонамерно. Еве, вистина, меѓу востаниците има и по некој наивен, некому што стварно му збоктисало 25 години да слуша за криминалот во политиката и обратно и чека да падне курбан. И мисли дека тргнал по правда, ама на скопските улици останува збунет. Стигнува на протест но и самиот се чуди зошто се спомениците виновни за аболицијата на пример. Па свирчиња и пароли на странски држави, додуша држави од соседството чиј јазик сите го разбираме, јеботе. Но факт е дека, главните војводи и знаменосци на револуцијата не се ниту гладни, ниту жедни, ниту невработени. Токму спротивното, први на барикадите со кесите полни со боја се главните градски чаламџии со по неколку станови, луѓе што не пропуштиле скијање со години, за летување ич  муабет да не правиме. Е тие се гневни затоа што мислат дека се родени да владеат, да бидат министри, универзитетски професори, кариеристи по раѓање. Десет години пцуеа во себе, сега се охрабрија и се нафрлија со сиот гнев против спомениците, новите градби, инстутуциите. Луѓе кои не си ја сакаат државата и непризнаваат институција и непочитуваат ни устав ни закон.  Затоа шарената револуција е без душа и без енергија, без елан неопходен за движење што ќе предизвика промена. Ако место шема и чалам, „шарените“ покажеа малку достоинство, респект за Македонија и чуство за припадност може и ќе им успееше од „сматокот“ да испилат нешто здраво.  Вака, охи, само малку галама до следното „ТѕатЅики“.