„Лидер“: Заев – свитка кичма на суд!

Лидерот на СДСМ на дело покажа како се витка кичма. Соочен со казна за клевета пред судот, без да трепне го откри изворот и се правдаше дека не тврдел, туку изнесувал сомнеж. Како би се однесувал ако утре треба да решава за прашања од државен интерес?, пишува порталот Лидер.

Основниот суд Скопје 2 донесе пресуда. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е виновен. Ги повредил личните права, честа и угледот на претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, и треба да му плати 50.000 евра. На две последователни прес – конференции, околу наводен криминал при продажбата на Македонска банка, Заев изнел невистинити факти, со што го наклеветил и навредил премиерот Груевски.

„Тужениот, не само што не успеа да ја докаже вистинитоста на неговите изјави, туку не успеа ниту да докаже дека имал основа да поверува во вистинитоста на тоа што го изјавил на неговите прес – конференции, дури ни со доказите приложени од него“ – истакна адвокатот на премиерот, Никола Додевски.

Забелешката на Додевски, дадена во завршните зборови, се однесуваше на ретерирањето на Заев од првичната позиција. Откако главниот сведок, Јовица Стефановиќ – Нини, предложен токму од одбрана на Заев, сведочеше во корист на премиерот Груевски, и рече дека ниту го познава Груевски, ниту дал поткуп, ниту зборувал со Груевски за продажбата на Македонска банка, Заев се пишмани. Во судницата рече дека тој не тврдел дека Груевски е вмешан во коруптивен случај, туку се сомневал, и дека сè што кажал било во прашална форма.

Адвокатот на Заев, Филип Медарски, рече дека неговиот клиент имал граѓанска, правна и политичка обврска да ги сподели своите сознанија со јавноста, дека на посочените прес – конференции Заев не тврдел, туку прашувал и изнесувал вредносни судови кои не можеле да бидат предмет на класично докажување.

Сепак, Судот наведе дека и по демантот од тужителот, Заев продолжил да шири невистини за време на митинзите во Центар, Карпош, Кочани, Куманово, Битола, Прилеп и други градови.

Елилогот од првата судска инстанца е јасен. Одбраната на Заев најави дека одлуката ќе ја обжали пред Апелација.
Сепак, остана впечатокот дека, соочен со сведочењето на Нини, со шаховски речник, лидерот на СДСМ беше доведен во класична мат позиција и принуден да ретерира.

„Заев се покажа како очајник, како човек кој од фиока вади работи што наводно требаше да го сменат мислењето на граѓаните. Беше јасно дека се работи за ќор – фишек што ќе им прсне во лице на оние кои го иницираа, и тоа се случи“ – вели политичкиот аналитичар, Ивица Боцевски.

Уште една нејаснотија претставува потегот на првиот опозиционер, откако Судот одби да ја прифати аудио снимката како доказ и Ден Дончев како сведок, јавно да обелодени кој му ја дал снимката.

„Ден Дончев, лично кај мене на рака ја достави аудио снимката и материјалните докази. Тој не е повикан да сведочи, иако е генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ во тоа време“ – рече Заев.

-По ваквата изјава се отворија многу дилеми: дали Заев попушти под притисокот, дали може сега на него да се гледа како на партнер од доверба, дали соочен со веќе извесниот епилог на судењето, реши да го пушти Ден Дончев низ вода (особено ако се знае дека неовластеното прислушување и тонско снимање, како и неовластеното објавување на лични записи е кривично дело)? Во новинарството има правило: ако изворот на информациите бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити. Заев не е новинар. Напротив, тој е лидер на најголемата опозициска партија. Но, да се открие изворот на информацијата не му доликува ниту на новинар почетник, а не пак на политичар кој претендира на дојде на власт. Оттука и се поставува прашањето – ако лидерот на СДСМ, соочен со казна за клевета, толку лесно го откри изворот на информацијата, како ли би се однесувал доколку утре дојде на власт и треба да решава за прашања од државен интерес, прашања кои не засегаат сите нас? Има ли капацитет за тоа? Какви потези ќе влече? Како ќе се снајде на најодговорната и најтешката функција во државата? Колкава ќе биде тогаш неговата точка на топење?, пишува Лидер.

Дали лидерот на СДСМ се исплаши од извесната казна за клевета, која на крајот изнесува 50.000 евра, сума која беше десеткратно намалена и за која тој смета дека е само евтин трик?

-Ако Заев веруваше во тоа што го тврдеше, немаше пред судот да објаснува дека само изразувал сомнеж. Напротив, ќе понудеше докази. Вака со една изјава пред судот, а со друга пред камерите го покажа вистинското лице- немање капацитет за синдикален лидер, а камоли кандидат за најодговорната и најтеша функција во државата..Одговор стигна од неговата партија, според која, пресудата е срам за судството и за Република Македонија и доказ дека сè е контролирано од еден центар, пишува порталот.

Според унивезитетската професорка Тања Каракамишева – Јовановска, од судскиот процес Груевски – Заев, опозицијата може да извлече и поука.

„За среќа, правото и правдата во Р.Македонија знаат да бидат добар коректив на политиката и на она што претставува политичко секојдневие во земјава, а тоа е многу лесно да се шпекулира, многу лесно во етерот да се пуштаат разни манипулации, многу лесно да се фабрикуваат приказни и стории кои треба да нанесат одредена штета врз угледот и имиџот на високи политички личности“ – објаснува Каракамишева – Јовановска.

Сведок кој и оди во корист на другата страна, изјави кои од тврдења се претворија во сомневања, јавно објавување на изворот на информацијата… Има ли пилот во авионот на СДСМ?