Лидерот на Лаос во Грција пред обвинител поради лажна изјава за имот

Парламентарниот Комитет за ревизија на партиите и финансиите на пратениците во Грција едногласно одлучи лидерот на популистичката екстремно десничарска партија Лаос, Георгиос Караџаферис, да биде изведен пред надлежен обвинител поради лажна изјава за имот и нелегално учество во оф-шор компанија, пишува МИА.

Комитетот исто така побара понатамошна истрага со цел да се конфискува сума од 1,65 милиони евра, која завршила на сметката на „Каталина ЛТД“, оф-шор компанија на Караџаферис. Се претпоставува дека лидерот на Лаос ги добил овие пари како мито во врска со купување на хеликоптери „Супер Пума“.

Во меѓувреме, портпаролот на партијата Независни Грци, Марина Хрисовелони пред Комитетот за ревизија изјави дека Караџаферис, исто така, поседува една третина од оф-шор компанијата „Дек Рок Лимитед“.

Комитетот исто така, одлучи подетално да се проверат и поранешните пратеници Аристидес Циплакос од Нова демократија и Телемахус Цитирис од Пасок за недоследности во нивните изјави за имот.