Лидерот на романската владејачка левица осуден на строг затвор

Челникот на владејачките романски социјалдемократи, Ливиу Драгнеа, осуден е во четвртокот на првата инстанца на три ипол години строга затвор во случајот на фиктивни вработувања, што се оценува за тежок удар врз неговите амбиции да остане во политичкиот врв иако поради случаите пред специјалното обвинителство не можеше да дојде предвид да стане премиер.

Педесет и петгодишниот Ливиу Драгнеа, претседател на Социјалдемократската партија (PSD), којашто и натаму е упорен во тврдењата дека е невин, и покрај пресудата нема да биде затворен сѐ додека оваа пресуда не биде потврдена во Врховниот суд.

Оваа пресуда е изречена додека трае вербалната пресметка меѓу левото мнозинство и романското правосудство, особено специјалното јавно обвинителство, коешто владата го обвинува дека дејствува како „паралелна држава“, дека „смислува предмети“ против политичарите и оти прави злоупотреби при таквите конструкции.

Лидерот на PSD, кој е и претседател на долниот дом на парламентот е прогласен за виновен бидејќи овозможил вработување за две активистки на локален огранок на партијата која ја водел. Тоа се случувало во периодот меѓу 2006 и 2012 година кога бил претседател на окружниот совет. Штетата којашто ја предизвикал се проценува на 24.000 евра.

Романското специјално антикорупциско обвинителство, познато по кратенката DNA, побара затвор од седум ипол години за овој случај против Драгнеа. Тој веќе е осуден условно на две години затвор поради изборна измама, а е осомничен и за наводна проневера на европските фондови во трет предмет за кој истрагата сѐ уште трае.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.