Лидерска средба за спроведување на договорот од 2-ри јуни

Лидерите на четирите најголеми партии – Никола Груевски на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев на СДСМ, на ДУИ Али Ахмети, и Мендух Тачи на ДПА попладне ќе одржат средба на која треба да разговараат за целосно спроведување на договорот од 2-ри јуни за решение за актуелната политичка криза.

Денешната средба беше договорена по разговорите на партиските лидери одржани на 19-ти јуни во Клубот на пратениците на кои присуствуваа и амбасадорите на ЕУ и на САД Аиво Орав и Џес Бејли, а на кои тие уште еднаш ја потврдија нивната целосна посветеност на договорот од 2 јуни постигнат со посредство на евокомесарот за преговори за проширување и европска соседска политика, Јоханес Хан.

– Ние, лидерите на главните политички партии, денеска се согласивме уште еднаш да ја потврдиме нашата целосна посветеност на договорот од 2-ри јуни и да продолжиме со разговорите за негово целосно спроведување на лидерско ниво на 29 јуни. Ние, исто така  го поддржуваме транспарентното менаџирање од страна на ЕУ со текстот на овој договор, како и со сите специфични препораки поврзани со системските реформи во областа на  владеењето на правото кои ќе бидат спроведени во интерес на сите граѓани, беше наведено во заедничкото соопштение по средбата.

Еврокомесарот Јоханес Хан го поздрави исходот од состанокот на политичките лидери, а ЕК испорача приоритети за итна реформа што „Република Македонија треба да ги исполни во областа на владеењето на правото и основните права, деполитизација на јавната администрација, слободата на изразување и изборните реформи“.

Владата на седница одржана на 23-ти овој месец усвои План за нови реформи за европската интеграција фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата со конкретни мерки и рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат.

На 2 јуни во Скопје беше одржан состанок на лидерско ниво по кој еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека на пат е постигнување договор за решавање на политичката криза во земјава. Меѓу другото, во документот се предвидува до крајот на април следната година да се одржат нови предвремени парламентарни избори, да се направат измени во изборниот законик и во избирачкиот список.