Лихштајнер во Интер

Челниците на италијанскиот клуб Интер, се обидуваат да обезбедат потписи на врвни фудбалери со цел да остварат пласман со кој ќе ги задоволат желбите на фановите од Милано.

Една од зделките кои што првите луѓе на „Џузепе Меаца“ се обидуваат да ја реализираат е да го доведат Аргентинецот Езекил Лавеци, член на Пари Сен Жермен.

Тренерот на Интер, Валтер Мацари, порачува дека ќе треба да се подобри и квалитетот во задниот ред на тимот.

Медиумите на Апенините тврдат дека затоа на мета на клубот е и одбранбениот фудбалер на шампионот Јувентус Стефан Лихштајнер, кој би требало да им прави друштво на Џонатан и на Д’Амброзио.

Швајцарецот се обидува да се договори со тимот од Торино, за што „Старата дама“ ќе треба да го збогати со 3 милиони евра за натпреварувачка кампања.

Ова би можел да го искористи Мацари, со тоа што Италијанецот е подготвен на Лихштајнер да му понуди зделка како онаа на Видиќ, 2,8 милиони за сезона, која би можела да го задоволи фудбалскиот репрезентативец на Швајцарија.

За Лихштајнер, кој настапувал и за Лацио, беше заинтересиран и фудбалскиот шампион на Франција, Пари Сен Жермен.