Ликвидирани шесте талибнаци кои го нападнаа училиштето во Пакистан

Ликвидирани се шестмината талибанци, кои го нападнаа училиштето во северозападниот пакистански град Пешавар, пренесе ДПА, повикувајќи се на соопштение на властите.

Петмина од напаѓачите биле ликвидирани од командоси, а шестиот се разнел со експлозив што го носел на ременот, се наведува во соопштението на пакистанската армија.

Во моментов трае операцијата на претрес на училиштето заради откривање на евентуални други скриени бомби во него.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Турбјорн Јагланд, го осуди нападот, изјавувајќи дека светот со ужас гледа и не верува на овој отвратен терористички акт.

-Дури и во овие најмрачни времиња го повикувам пакистанскиот народ да не се откажува од надежта и од инспирацијата кои Нобеловата награда за мир на Малала Јусафзаи ни ги наметна на сите нас. Мојата порака кон вас е дека не треба да се откажувате и од вашата борба против овој безумен тероризам, се подвлекува во изјавата на Јагланд.

Индискиот премиер, Нарендра Моди, пак, нападот го оцени како безумен акт на несфатлива бруталност, која ги чинеше живот најневините меѓу човечките суштества, пренесоа француските медиуми.

Во нападот загинаа 130 лица, од кои над 100 се ученици.