Лирим Динарица не е осуден за убиството на полицајците во Арачиново

Скопјанецот Лирим Динарица демантира дека е осуден за убиството на тројцата полицајци на влезот во скопското село Арачиново, кое се случи на 11 јануари, 2000 година.

„Воопшто не се точни информациите дека јас сум осуден за тој случај. Судскиот процес трае речиси 17 години. Досега нема пресуда. Јас сум обвинет, но како што стојат работите најверојатно за кусо време ќе има ослободителна пресуда“, вели Динарица во изјава за Нетпрес.

Нетпрес му се извинува на Лирим Динарица за ненамерно направената грешка дека тој е осуден за случајот.

Лирим Динарица е првообвинет за убиството, кое се случи вечерта на 11 јануари, на полицајците Кирил Петрушевски (23), Ерол Готак (27) и Ацо Ангеловски (26).

Според обвинението, во тројцата полицајци било пукано со автоматски пушки и со пиштол, по што со неколку автомобили, сторителите веднаш побегнале од местото на злосторството.

Во текот на истрагата уапсени и притворени беа повеќе лица. За време на истражната постапка Лирим Динарица го признал убиството, но потоа во текот на судењето го повлекол својот исказ.

На обвинителна клупа, како обвинети за случајот, седнаа Лирим Динарица, Рамиз Асани, Муча Бајрами, Башким Асани, Агим Асани, Наим Асани и Емрула Емрулај.