„Лисистрата“ премиерно во Театар Комедија

На сцената на Театар Комедија, утре, во 20 часот, премиерно ќе биде изведена драмата „Лисистрата“, по текст на античкиот драматург Аристофан, а во режија на Наташа Поплавска. Главната улога ја игра директорката на театарот, Јележна Жугиќ, а освен глумење, изведбата на актерската екипа е комбинирана со пеење и со играње.

Аристофановата „Лисистрата” е напишана во 411 година пред нашата ера. Станува збор за приказна за една жена, Атињанка, која ќе се обиде да го направи она што никој пред неа не смеел да помисли, а тоа е да ги собере жените од различните градови од Грција на едно место и со една цел – да се спротистави на воспоставениот поредок (владеење исклучително на мажите и на војната) и да донесе мир. Лисистрата ќе умее да ја препознае силата на жената, која со векови одлучила да остане покорна, и од сферата на најдлабоката приватност ќе ја извлече интимата/сексот, како оружје кое ќе ѝ зададе удар на целата олигархија, на неправедноста на системот во кој малкумина профитираат на грбот на сите. Лисистрата може да биде прочитана и само како лоша замисла за она што претставува жена видена низ призма на еден маж, а жените во целиот текст се претставени, како лековерни, промискуитетни, површни.

Во улога на советникот ќе се јави Атанас Атанасовски, во улога Лампито – Жаклина Петровска, Спартанецот го игра Едмонд Сотир, а Мирина – Нина Деан. Во претставата играат и: Жарко Димоски, Зорица Нушева, Илија Илиоски, Кристина Ласовска и Валентин Костадиновски – Тино.
Костимите се на Елена Лука, сценографијата на Емил Петров, музиката на Огнен Анастасовски, а кореографија на Олга Панго.