Македонија

Листерија во свинскиот врат на „Екстра меин“ имало 90 пати над дозволеното

Листерија во свинскиот врат на „Екстра меин“ имало 90 пати над дозволеното

Според последните анализи, бактеријата листерија е дефинитивно пронајдена во сечкан и вакуминиран свински врат на месната компанија „Екстра Меин“ и тоа 90 пати над дозволената граница. Ова денска го потврди Mинистерот за здравство, Никола Тодоров, кој воедно посочи дека типот на листеријата во овие производи одговара со типот на бактеријата од кои заболеа десет лица, а пет од нив завршија фатално.

„Со направената квантификација кај двата продукти е откриено дека има над 9.000 колонии единици на грам што значи над 90 пати над дозволеното. Листеријата може да ги контаминира производите само при производството на месото и неговото пакување. Не може да ги контаминира во продажба“, истакна Тодоров.

Со последните лабораторски испитувања е потврдено присуство на листерија и во суровините од кои се произведуваат производите во „Екстра Меин“, односно и во замрзнатото свинско месо и пилешките гради. Според анализите, оваа месна индустрија користела месо од Канада и од Бразил.

Комисијата за заразни болести итно нареди да се земат мостри од производите на оваа компанија кои се во продажба. Објектот на фабриката ќе биде затворен до евентуално нова одлука на Комисијата. Доплонително ќе се земаат мостри од сите болници, детски градинки и домови за стари лица и сите докази ќе му бидат доставени на јавниот обвинител на Република Македонија.