Ливерпул и Манчестер Сити чекаат услуга од Евертон

Фудбалерите на Манчестер Сити денеска го играат можеби најважниот натпревар кога е во прашање борбата за шампионската титула во англиската Премиер лига.

Петопласираниот тим на првенствената табела, Евертон, важи за максимално сериозен противник, но избраниците на Мануел Пелегрини се свесни дека само со триумф на овој натпревар и со триумф на преостанатите два натпревара од актуелната сезона ќе ја исполнат зацртаната цел, освојување на шампионската титула.

Поголемиот дел од англиските медиуми се убедени дека дуелот на “Гудисон Парк” ќе заврши со сигурен триумф на гостинот, затоа што фудбалерите на Евертон не сакаат да му направат услуга на градскиот ривал, тимот на Ливерпул кој пак има потреба од само еден кикс на Манчестер Сити.

За нијанса помало внимание ќе привлече дуелот на “Олд Трафорд” помеѓу екипите на Манчестер Јунајтед и Сандерленд.
За разлика од домаќинот, кој има само мимимални шанси да освои едно од двете места кои водат во групната фаза од Лигата на Европа, гостинот посакува уште еден историски триумф со кој избраниците на Густаво Поет осетно ќе си ги зголемат шансите за опстанок во елитното друштво.

Денеска на програмата: Вест Хем – Тотенхем, Астон Вила – Хал, Њукасл – Кардиф, Манчестер Ј. – Сандерленд, Стоук – Фулам, Свонси – Саутемптон, Евертон – Манчестер С.