Ливерпул – Манчестер Јунајтед 0:0

Во најголемиот дерби натпревар во англискиот фудбал, одигран во саботата на „Енфулд“ во рамките на 8-то коло од Премиер лигата, Ливерпул и Манчестер одиграа без голови.

Дербито донесе целосно разочарување за љубителите на фудбалот. Двајцата големи стратези на клупите на Ливерпул и на Манчестер Јунајтед, се решија дека е поважно да не се загуби во дуелот со еден од директните ривали за врвот на табелата. Се играше многу претпазливо, иако Ливерпул со 60 отсто од поседот на топката покажа дека повеќе ја сака победата но без ефикасност во завршницата наспроти јасната дефанзива поставеност на „црвените ѓаволи“ , а и оние ретки шанси ги одбранија голманите Димон Мињоле и Давид де Хеа.

Прв блиску до отворањето на резултатот беше тимот на Јурген Клоп во 34 минута кога Роберто Фирмино продре по левата страна уфрли во средината за Џоел Матип но де Хеа маестрално одбрани. Топката, меѓутоа, се одби до Салах кој биеше крај стативата. Играчите на Жозе Мурињо можеа во 42 минута да го казнат ова промашување на домаќините, кога Ентони Мартиал му асистираше на Ромел Лукаку но овојпат одлично реагираше Мињоле.

Во второто полувреме Јунајтед уште повеќе се повлече и очекуваше момент за противнапад, а Ливепрул не успеваше посериозно да се закани, со што го забележа четвртото последователно реми во судирите со најголемиот ривал на Островот.

Сепак, Ливерпул по овој резултат сѐ повеќе заостанува зад водечките тимови во најсилната англиска лига и сега е 6-ти со 13 бодови, додека Манчестер Јунајтед остана на првото место со 20 бодови, бод повеќе од градскиот ривал Манчестер Сити, кој има натпревар помалку.