Ливерпул “се спаси” против Болтон, Кутињо е херој на “црвените”

Екипата на Ливерпул синоќа беше на добар пат да ги следи Челзи, Манчестер Сити, Тотенхем и уште неколку премиерлигаши кои испаднаа од ФА Купот, откако беа елиминирани од тимови кои доаѓаат од пониските лиги во Англија.

На повторениот дуел помеѓу Болтон и Ливерпул која се играше на “Рибок” стадионот (првата средба на “Енфилд Роуд” заврши 0:0), ветеранот Ејдур Гудјонсен го постигна водечкиот гол за домаќините во 59-та минута од пенал, а обидите на Ливерпул да постигне гол беа залудни. Сепак во 66-та минута Болтон остана со играч помалку, откако Нил Данс беше исклучен, а “црвените” од Енфилд успеаа да го искористат тоа и да направат фантастичен пресврт во последните 5 минути од натпреварот. Најпрво Рахим Стерлинг израмни во 86-та, за Бразилецот Кутињо во 91-та минута постигне прекрасен погодок со кој неговиот тим забележа победа со 1:2 и избори пласман во осминафиналето.

Во следната рунда Ливерпул ќе игра против тимот на Кристал Палас, кој во претходната рунда успеа да го елиминира Саутемптон.