Ливерпул сигурен, чудесен пресврт на Челзи, Сити го доби дербито кај Тотенхем

Фудбалерите на Ливерпул ја постигнаа дваесеттата победа сезонава во англиската Премиер лига, откако во саботата пред своите навивачи го совладаа Борнмут со 3:0, а мечот на денот го одигра Челзи кој направи голем пресврт во бедата од 3:2 кај Саутемптон.

Фудбалерите на Манчестер Сити незадржливо грабат кон титулата шампион на Англија откако во последниот саботен меч од 34-то коло на лондонски „Вембли“ со 3:1 го совладаа Тотенхем, правејќи разлика од 16 бодови пред градскиот ривал Манчестер Јунајтед кој има и меч помалку.

Екипата на Пеп Гвардиола поведе во 22 минута преку Габриел Жезус. Три минути подоцна на 2:0 зголеми Гундоган од дискутабилен пенал. Голманот на домашните Уго Љорис го собори Рахим Стерлинг, но контактот се случи надвор од шеснаесетникот. Меѓутоа, судијата Џонатан Мос покажа на белата точка. Во 42 минута Кристијан Еиксен ги врати надежите на Тотенхем за можен пресврт, намалувајќи на 1:2, но во 72 минута Стерлинг реализираше една од многубројните шанси за конечните 3:1, со што Сити ја прекина низата од три последователни порази во сите натпреварување.

Манчестер Сити е на чело на табелата со само два пораза и вкупно 87 бодови, а Тотенхем остана на четвртата позиција со 67 бодови, три помалку од третиот Ливепрул.

Стрелци за Ливерпул во саботата беа Мане во 7, Мохамед Салах во 69 и Фирмињо во 90 минута. „Редсите“ со новите три бода со 70 бодови е приближија на бод заостанување зад Манчестер јунајтед, но „Црвените ѓаволи“ имаат два меча помалку. Борнмут, пак, е 11-ти со 38 бодови.

Фудбалерите на Кристал Палас го совладаа Брајтон со 3:2, а Хадерсфилд во судиското продолжение дојде до победата над Ватфорд за бегство од зоната на испаѓање.

Сите пет погодоци во дуелот меѓу Кристал Палас и Брајтон беа постигнати во првите 34 минута. Двоен стрелец за домашните беше Заха, во 5 и 24 минута, а во меѓувреме во 14 минута гол постигна и Томкинс, додека за гостите стрелци беа Мареј во 18 и Изквиердо во 34 минута. Кристал Палас ја оствари осмата победа сезонава и се искачи на 16-то место со 34 бодови, односно шест повеќе од Саутемптон кој со 28 бодови е првиот од трите кои во моментов се во зоната за селење во понизок ранг.

Том Инс во првата минута од судиското продолжение го постигна својот втор гол сезонава за Хадерсфил со кој клубот дојде до 14-то место со 35 бодови. Ватфорд е 12-ти со 37 бодови.

На рака на Хадерсфилд и Кристал Палас им одеше и резултатот од дуелот меѓу Свонси и Евертон кои одиграа 1:1. Евертон поведе со автоголот на Нејтон во 43 минута, а израмни Ејев во 71 минута. „Лебедите“ така спасија бод за вкупно 33 бодови и се само 17-ти со пет бода повеќе од Саутемптон.

Барнли на свој терен го совлада Лестер со 2:1, благодарејќи на раните голови на Виуд, во 6 и Лонг во 9 минута, додека Џејми Варди успеа само да намали во 72 минута. Барнли на седмото место со 52 бода му се доближи на шестиот Арсенал на само два бода, и има девет повеќе од Лестер кој е осми.

Највозбудливиот дуел беше првиот саботен меч во кој Челзи со голем пресврт дојде до победата од 3:2 на гостувањето кај Саутемптон кој грчевито се бори за опстанок. Со тоа Челзи привремено го намалија заостанувањето зад Тотенхем на седум бодови во борбата за пласман во Лигата на шампионите.

Творец на големиот пресврт беше францускиот напаѓач Оливие Жиру, кој влезе во игра во 61 минута, а потоа од 70 до 78 минута постигна два од трите гола на гостите за 18-та сезонска победа на тимот на Антонио Конте. Домашните поведоа со 2:0, со головите на Тадиќ во 21 и Беднарек во 60 минута. Веднаш по вториот погодок на Саутемптон, Конте во игра го внесе Жиру, кој врати со два погодока, а во меѓувреме Еден Азар во 75 минута изедначи на 2:2.