Ливерпул за гол подобар од градскиот ривал Евертон

Фудбалерите на Ливерпул се пласираа во четвртото коло од англискиот ФА Куп откако во петокот вечерта на својот стадион, во големото градско дерби, славеа над Евертон со 2:1.

Славното „Мерсисајд“ дерби, единственото градско дерби во коешто навивачите не се делат засебно по трибини, овојпат во ФА Купот, понуди многу возбудувања и драматичност.

Поведе Ливерпул во 35 минута со голот на Џејмс Милнер од пенал, откако Мејсон Холгејт го собори во казнениот простор Адам Лалана. Евертон израмни преку Исланѓанецот Гулфи Сигурдсон во 67 минута. На шест минути пред крајот „црвените“ повторно дојдоа во водство преку Вирџил ван Дијл, кому ова му беше првиот натпревар за Ливерпул откако пред десетина дена дојде од Саутемптон.

Во вториот денешен меч Манчестер Јунајтед очекувано славеше на „Олд Трафорд“ против второлигашот Дербо Каунти со 2:0, но до победата дојде дури во самата завршница со головите на Џес Лигард во 84 минута и Ромел Лукаку во 90 минута.