Љамалари: Албанците очекуваат победа на Заев, двојазичност и федерализација

Љамалари, Вие сте претседател на албанската дијаспора, што мислите за политичката ситуација во Македонија?

– Јас мислам дека Македонија е во длабока политичка криза поради тие грешки кои беа направени во последните 10 години. Оваа битка што се води сега во Македонија е помеѓу господинот Зоран Заев и господинот Никола Груевски.

Кога се запознавте со господинот Зоран Заев и што мислите за него?

– Јас вчера реков нешто, но не реков дека Заев е месија, јас реков дека е спасител. Ако имате некаков проблем и ако дојдам да ве спасам, јас ќе бидам ваш спасител а не месија. Го гледам господинот Заев дека добро ја води оваа кампања и оваа битка и мислам дека е добро за Македонија и убеден сум дека ќе победи на овие избори.

Тој бара двојазичност на целата територија на Македонија и федерализација на државата. Дали за Вас тоа е политички коректно за Македонија? Се согласувате ли со тоа?

– Јас за двојазичноста не го обвинуван ниту Груевски, ниту Заев, ниту никој друг. За двојазичноста, за мојот суверенитет не разговарам со никого – дали тоа ќе го реализирам со господинот Груевски, со господинот Заев, Тачи или Ахмети не ме интересира. Сите знаеме дека СДСМ се залага за граѓанството. Од друга страна кампањата на ВМРО-ДПМНЕ е насловена “За подобра Македонија”. Јас сум роден во Серава и прашувам дали господинот Груевски некогаш бил таму? Или во Гази Баба? Визбегово? Дижонска? И сега се прашувам кога тој вели “За подобра Македонија”, за кои средини мисли? Еве јас ќе ви го кажам ставот на албанската дијаспора, кај нас во Македонија покрај Албанците се дискриминирани и Македонците, а најпривилегирани се Турците и Србите.

Зоран Заев заедно со Андреас Грос пред 10 дена имаа обраќања во Швајцарија каде што рекоа дека треба да се излезе надвор од рамките на Рамковниот договор со воведувањето на федерализацијата и двојазичноста. Се согласувате ли Вие со тоа?

– Тој рече дека сака Македонија да биде како Швајцарија. Ние од албанската дијаспора имаме услови, еден од условите е Македонија како држава да го смени името, не се проблем Албанците. Владата на Албанија прва ја призна независноста на Македонија и обратно. Условот да го смените името не е само од Албанците, тој услов е од НАТО и од Грција. Ако сакаме да ја изградиме оваа држава, треба сите да гледаме во иднината, а не во минатото. Кога зборувам за двојазичност и федерализација прашувам: Ви пречи ли Македонија да биде како Белгија? Мене не ми пречи апсолутно.

На Македонската политичка сцена егзистираат ДУИ и ДПА кои ги претставуваат Албанците. СДСМ тврдат дека сега ја отвораат партијата и прават граѓански листи во кои ги застапуваат Албанците. Дали сметате дека Албанците се доволно застапени на листите на СДСМ или треба да ги има повеќе?

– Јас се сретнав со господинот Заев, го ценам и го гледам како премиер на идната влада. Кај него во партијата има некои Албанци кои манипулираат, до вчера беа во ДУИ, а сега се кај Заев и мислат дека јас му штетам затоа што ги кажувам работите кои ги мислам и кажувам. Да бев во некоја партија сега ќе ми се јавуваа и ќе ми кажуваа дека тактизирам. Јас не тактизирам, за моите и за твоите права не тактизирам. Треба сите граѓани да имаат слобода и да мислат како да одиме напред. Секој вели дека има економска програма а во економијата најважно е да не крадеш. И не дај боже некои струи да завладеат овде, ќе ни биде тешко на сите нас.

Дали ова значи дека Вие ретерирате од претходно кажаните ставови кои ги кажувавте јавно на прес-конференции и интервјуа каде што велевте дека отсекогаш сте се залагале за федерализација на Македонија?

– Јас ја гледам Македонија, за подобро и за тебе и за мене да го има тој белгиски модел за федерализација. Германија е федерална држава, Швајцарија е кантонизирана, во Ирска има регионализација. Сега мислам дека тука е подобро да се федерализира за сите да влеземе со некои вредности, а не некои елити да седнат таму горе и да манипулираат со граѓаните за ние да се испотепаме. Тоа не е фер.

Мислите ли дека албанската дијаспора може да придонесе за СДСМ да победи на овие избори?

– Албанската дијаспора, која јас ја претставувам, мисли дека во Македонија нема услови за фер и демократски избори. Овде грешките се направени во 90-тите години.

Меѓутоа партиите мислат дека се исполнети условите и сакаат да одат на избори…

– Тие имаат еден став, а ние друг. Ние велиме: нема услови за фер и демократски избори. Сите сакаат да одат таму. Јас имам други информации од Брисел дека овие избори се под знак прашалник затоа што граѓаните уште не се слободни и го немаат правото да мислат. Му велам на ВМРО-ДПМНЕ да се промени и да оди во опозиција, јас сум сепак десница.

Не одговоривте. Дали ќе се вклучите во тоа СДСМ да победи на наредните избори?

– Не, не, не апсолутно не. Ние во 2014 им рековме на ДУИ да не пропагираат во дијаспората затоа што нема да освојат ништо и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе освои повеќе од 60 пратеници. Зошто? Работите се веќе на виделина, Македонија или ќе влезе во НАТО и ЕУ, или ќе биде нешто друго. Тоа нешто друго нема да биде добро за никој. За мене ќе биде добро, има каде да одам, ја имам Албанија и Косово, но вие каде ќе одете? Не дај боже, Ердоган да ги пушти тие 2 милиони мигранти. Ќе не поплават. Ние од албанската дијаспора нудевме, ние го сакаме премиерското место, затоа што овде важи потписот на премиерот не важи потписот на Али Ахмети или на партиите нели? Ако си премиер на владата ти си премиер на сите и тука е целата работа, тука утна господинот Груевски и штета е затоа што тој направи некои работи што се добри, но некои се многу лоши.

Тоа е разликата помеѓу Груевски и Заев според Вас?

– Па разликата е тоа. Сега треба да видиме, јас верувам дека тој ќе воведе затоа што и македонците не се толку глупав народ за да гласаат за нешто што ќе ги однесе во некоја друга историја. Ние треба да одиме работа.

Верувате дека доколку победи Заев ќе се промени уставот и ќе дојде до федерализација?

– Не е тоа. Како што реков, белгискиот модел е добар, да биде Македонија како Швајцарија е добро. Америка е исто федерална држава како и Германија. Кога ние говориме за федерализација мислиме дека тоа е како што беше во Југославија или во Советскиот Сојуз.

Па тоа ве прашуваме, ќе испорача Заев федерализација?

– Тоа ни е судбина. Судбина е затоа што Македонија е шарена. Составена е од многу етнички групи. Да ви кажам право и искрено има Албанци кои еден ден се Албанци, а еден ден се Турци или муслимани. Исто како и кај вас има некои кои еден ден се Македонци, еден ден Срби, а еден ден Бугари. Дај да ја градиме државата и институциите да бидат декриминализирани и департизирани. Јас не велам дека во ова има одговорност само ВМРО. Концептуално, дали ние сакаме или не, Македонија ваква каква што е е наша судбина од Господ. Да бидеме искрени треба да се запознаеме и да си помагаме помеѓу себе. Јас не можам повеќе да го гледам Скопје како изгледа. Ова е многу лошо, ние живееме заедно под едно сонце и дали ќе ни одговара белгискиот, швајцарскиот модел или нешто друго ќе видиме. Кога велам да се смени името на државата мислам на нешто сосем друго, не мислам за нацијата. И понатаму ќе ја пуштиме Грција да не притиска? Албанија никогаш не ни правела проблем. А што се однесува до Рамковниот договор, господинот Али Ахмети имаше 16 години да ги реши работите но не ги реши. Зошто? Не знам…

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.