ЛКМ: Виновниците да бидат санкционирани за трагедијата во Гевгелиската болница

Лекарската комора на Македонија изразува длабоко жалење и сочувствува со болката на семејството и блиските на починатата родилка и нејзиното неродено дете, а во согласност со своите ингеренции  ќе ги преземе сите потребни активности и механизми  за да се утврди одговорноста за оваа трагедија со нанадоместливи последици.

Ова меѓу другото се наведува во реакцијата од Лекарската комора по повод смртта на родилка и бебе во Гевгелиската болница.

Во продолжение интегрален текст од реакцијата:

Лекарската комора на Македонија ќе ги преземе сите потребни мерки за да се утврди што се случувало во Одделението за  гинекологија на Општата болница во Гевгелија каде трагично почина родилка и нејзиното неродено дете. Во рамките на своите надлежности, Комората како професионална асоцијација ќе настојува да утврди и дали има лична одговорност за целата трагедија, а  врз основа на тоа ќе реагира и ќе преземе соодветни мерки.

Лекарската комора на Македонија најостро ги осудува обидите на некои политички партии оваа трагедија да ја искористат за меѓупартиски пресметки и  за политичко поентирање. За Комората е неприфатливо одговорноста  да се генерализира и сите медицински институции и здравствени работници, да се обвинат за  неодговорност и непрофесионалност.  Како професионална асоцијација цениме дека  е целосно неодговорно и крајно ниско  ваква трагедија да се стави во функција на оцрнување на една професија  и целокупниот здравствен систем.

Лекарската комора го почитува правото на секој да изнесува свој став или мислење,  меѓутоа цени дека работите несмеат да се генерализираат.  Комората не бара амнестирање од вината за евентуалното непрофесионално однесување на  докторите, меѓутоа цени дека треба да се бара одговорност од оние кои неодговорно се однесувале, кои го прекршиле кодексот на медицинската етика и деонтологија, кои загрозиле и го загрозуваат здравјето и животот на пациентите. Не е оправдано со ваквите исклучоци во ист кош да се ставаат илјадници  доктори и здравствени работници кои крајно професионално, совесно  и со несебично залагање им се посветени на професијата,  на хипократовата заклетва,   на пациентите и на решавањето на нивните здравствени проблеми. А такви, мора да признаеме,  се најголем дел  од  доктори во Р. Македонија кои како мрежа ја покриваат целокупната територија на државата од главниот град, па се до руралните места со по неколку жители.

Лекарската комора на Македонија изразува длабоко жалење и сочувствува со болката на семејството и блиските на починатата родилка и нејзиното неродено дете, а во согласност со своите ингеренции  ќе ги преземе сите потребни активности и механизми  за да се утврди одговорноста за оваа трагедија со нанадоместливи последици. За Комората е неприфатливо некој да етикетира и да  бара колективна вина и за случаи во кои има индиции за поединечна неодговорност и непрофесионалност, а  како професионална асоцијација, во рамките на нашите законски овластувањa, ќе се заложиме причините за  оваа трагедија да се утврдат, а виновниците да бидат санкционирани согласно законите.