Ломбардија и Венето масовно гласа за поголема автономија

Двата богати региони во северна Италија, Ломбардија и Венето, во неделата со големо мнозинство се изјаснија за поголема автономија од централната влада во Рим покажаа прелиминарните резултати, а агенцијата AFP наведува дека поради хакерски напади се доцнело со објавувањето на резултатите.

Во двата региона повеќе од 90 отсто од населението на советодавните референдуми се изјасниле за поголема автономија. Според прелиминарните податоци објавени во раните утрински часови во понеделникот, во Ломбардија на референдумот излегле околу 40 отсто од гласачите и од нив 95 проценти гласале за поголема автономија. Во Ломбардија не беше потребен цензус од 50 отсто плус еден за плебисцитот да биде валиден. Во Венето, пак, каде што имаше ваков праг, на избирачките места излегле 60 отсто од над четири милиони избирачи, и од нив 98 отсто гласале „за“.

„Кворумот е постигнат, целта е исполнета, за нашиот Венето започнува нова приказна“, порача преку Facebook претседателот на Венето, Лука Заиа.

Заиа и претседателот на Ломбардија, Роберто Марони, настојуваа да добијат убедлива победа на гласовите во полза на поголемата автономија, за да се здобијат со политичко влијание за преговорите со владата во Рим.

Венето и Ломбардија сакаат поголема автономија во областа на доселувањето на имигрантите, во здравството, образованието и инфраструктурата.

Минатата година негативната разлика меѓу износот кој жителите на Венето го уплатиле на име на даноци и го добиле назад низ јавната потрошувачка изнесувала 15,5 милијарди евра. Во случајот на Ломбардија, таа разлика, пак, изнесува дури 54 милијарди евра.

Ломбардија и Венето се меѓу најбогатите региони во Италија и придонесуваат со 30 отсто во бруто домашниот производ (БДП) на земјата. Тие се и меѓу најнапредните во задолжувањето, потрошувачката по глава на жител и функционирањето на здравствениот систем.

Како што беше претходно објавено, доколку победат на референдумот кои инаку се дозволени со италијанскиот устав, Марони и Заиа планираат да барат поголеми овластувања во областите на здравството, образованието, и инфраструктурата,  како и во сферите кои се инаку резервирани за државата, како што се безбедноста и имиграциите. За тоа, меѓутоа, би требало да се смени Уставот на Италија.

Овој советодавен референдум, кој е предвиден со италијанскиот устав, имаше големо внимание во европската јавноста во атмосферата создадена со референдумот на шпанската покраина Каталонија, иако барањата се различни. Челниците на Ломбардија и на Венето одлучно одбија секакви споредувања со сецесионистичкиот референдум во Каталонија од 1-ви октомври.