Лондон негира дека Трамп ја одложил официјалната посета

Кабинетот на британската премиерка Тереза Меј објави во неделата дека нема промени во плановите на американскиот претседател Доналд Трамп да допатува во државничка посета на Велика Британија, откако весникот The Guardian објави дека посетата е одложена.

Весникот објави дека американскиот претседател ја одложува официјалната посета на Велика Британија поради страв од големи протести, додавајќи дека Доналд Трамп за тоа ја известил британската премиерка Тереза Меј во телефонски разговор „последните седмици“.

„Нема да ги коментираме шпекулациите за содржината на приватните телефонски разговори. Кралицата му упати покана на претседателот Трамп да ја посети Велика Британија и нема промени во тие планови“, изјави портпаролката на кабинетот на британската премиерка.

Белата куќа засега не го пишувањето на The Guardian.

Не е одреден датумот на најавената посета на Трамп, кој е договорен во текот на посетата на Вашингтон на Тереза Меј во јануари, но британските медиуми пишуваат дека е планиран за октомври.

Дел од британската јавност на најавата за посетата за Трамп реагираше со повеќедневни протести низ земјата.