Лора Так: Македонија е меѓу топ реформаторите

Некои држави во регионот вредно работеа кон создавање клима за инвестиции, целејќи да го ослободат потенцијалот на приватниот сектор. Македонија е една од врвните реформатори во отстранување на административните пречки за водење бизнис, истакна потпретседателката на Светската банка Лора Так, која денеска во Виена учествуваше на конференцијата за Западен Балкан.

„Минатата година, таа беше меѓу првите дваесет и пет земји во светот – пред многу ЕУ членки – на светскиот индекс за Леснотија при водење на бизнис. Приватните инвестиции се зголемени како последица на реформите и почнуваат да се гледаат нето придобивки во зголемено вработување на обучен кадар“, рече Так, пред бројните учесници на конференцијата, на која присуствуваше и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

Министерот Попоски ја посочил значајноста на фактот што на оваа конференција за Западен Балкан учествувале претставници од повеќе меѓународни финансиски институции.

„Во тој контекст од Светската банка бевме потенцирани како земја со најдобри резултати во делот на реформите што ни имаат овозможено во голем број на одредници да се наоѓаме и подобро рангирани од голем број земји-членки на ЕУ“ потенцирал Попоски.

На конференцијата, на која учествуваше и еврокомесарот Штефан Филе, министрите разговарале за подобрување на соработката во рамки на Процесот за стабилизација и асоцијација, земајќи ги предвид сличните предизвици и цели во контекст на нивните посебни патеки на приближување кон ЕУ.

„Главниот фокус на конференцијата беше австриската поддршка за интензивирање на процесот на интегрирање на сите земји од Западен Балкан. За нас е особено значаен фактот што Австрија недвосмислено се залага за почеток на преговорите со Македонија, за интегрирање со ЕУ и сметаат дека наметнатите спорови не треба да бидат пречка на овој пат“, рекол Попоски.

На конференцијата, како што истакнал тој, најмногу станало збор за потенцијалот за економски напредок во следниот период.

„ Очигледно е дека резултатите на европските избори имаат определено влијание и врз генералната клима каде што проширувањето не е многу атрактивна тема, но во следниот период ќе биде многу значајно да се помогне во економскиот развој на сите земји од регионот. Тука е значајно бидејќи Австрија е втор најголем инвеститор во Република Македонија и е поддржувач на повеќе клучни инфраструктурни проекти“, истакнал шефот на дипломатијата, пренесоа медиумите во Македонија.

Министерот Попоски попладнево исто така во Виена учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централно-европската иницијатива во рамки на австриското претседавање.

„Македонија следната година ќе го преземе претседавањето со ЦЕИ. Приоритетите ќе ги работиме заедно со австриското претседателство и ќе има повеќе проекти кои ќе се реализираат во текот на следната година“, најавил министерот Попоски.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.