Лоренцо славеше во Херез

Хорхе Лоренцо продолжи со извонредните настапи на патеката Херез, триумфирајќи на вчерашната трка во рамките од Мото ГП шампионатот.

Шпанецот делуваше импресивно и за време на тренинзите, а во исто светло се прикажа и на вчерашната трка во која водеше од самиот старт па се до целната линија, ниту во еден момент не дозволувајќи им на ривалите да се понадеваат дека пред него ќе можат да стигнат до победата.

За разлика од претходната трка од Мото ГП шампионатот која изобилуваше со возбудувања, оваа делуваше и помалку здодевно, барем кога станува збор за местата за подиумот. Марк Мaркез од самиот старт му гледаше во грб на сонародникот, но овојпат приоритет му беше да се задржи на втората позиција, пред Валентино Роси, што му успеа без поголеми проблеми со оглед на фактот дека “докторот” во последните десетина кругови не му се приближи поопасно на актуелниот светски првак.

Роси на крајот мораше да се задоволи со третата позиција, пред Крачлоу и Еспаргаро, но благодарение на одличните настапи на претходните трки, Валентино се уште е лидер во генералниот пласман.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.