Лоши вести за Кливленд – Лав ќе паузира минимум 4 месеци

Кливленд се соочува со голем хендикеп во обидот да ја освои шампионската титула во НБА лигата, затоа што последните медицински извештаи велат дека Кевин Лав мора да паузира од четири до шест месеци. Крилниот центар кој дојде од Минесота, за да ја формира новата “голема тројка” заедно со Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг, имаше операција на рамото во Њујорк, по која потребна е долга и внимателна рехабилитација.

Лав се повреди во неделата, на четвртиот меч од плејоф-серијата меѓу Кливленд и Бостон. Во еден дуел со Кели Олиник, центарот на Бостон толку силно му го повлече рамото на Лав, што тоа се измести од своето лежиште. Магнетната резонанца покажала дека има скинати лигаменти, а има и повреда на коската.

Следен противник за Кливленд би требало да биде Чикаго (води со 3-2 против Милвоки), во полфуиналето на Истокот. Што се однесува до Кевин Лав, ова може да стави прашалник врз продолжението на неговата кариера затоа што договорот со Кливленд истекува летово. Оваа сезона имаше просек од 16,4 поени и 9,7 скока.