ЛШ: Јувентус и во Торино го потврди пласманот во финалето

Фудбалерите на Јувентус го потврдија пласманот во финалето на Лигата на шампионите откако во реванш дуелот од полуфиналето и во Торино го совладаа Монако со 2:1, со што ја потврдија гостинската победа од 2:0 од првиот меч.

Головите за торинската „Стара дама“ ги постигнаа Марио Манџукиќ во 33 и Дани Алвеш во 44 минута, додека за тимот од Кнежевството стрелец беше Килиан М’бапе во 68минута. Тоа воедно беше и првиот гол што го прими Јувентус во последните 689 минути во Лигата на шампионите. Последниот го Јуве го прими на 22 ноември минатата година на средбата од 5-то коло од групата Х на гостувањето кај Севилја, кога стрелец беше Николас Пареха.

Алвеш, кој во првиот натпревар асистираше за двата гола на Јувентус, и во Торино одигра корисно, откако асистираше за голот на Манџукиќ, а подоцна Бразилецот својата блескава игра ја крунисаше со еврогол во 44 минута.

Победата на италијанскиот шампион можеше да биде и поубедлива, доколку на голот на француската екипа не беше расположениот хрватски интернационалец Даниел Субашиќ, кој во првото полувреме „симна“ неколку зицери на Гонзало Игуаин, Паоло Дубала и на Манџуиќ. Натпреварот беше одличен, во кој Јувентус во првото полувреме можеше да постигне и шест голови.

Првата шанса ја имаа домашните во 22 минута кога Игуаин се обиде да го лобува Субашиќ, но неговиот удар беше преслаб, а во 25 минута имаше многу подобра шанса Манџукиќ, но хрватскиот репрезентативен голман чудесно го одбрани неговиот шут. Јувентус ја пропушти и третата можност во 27 година кога ударот на Миралем Пјаниќ во последен момент беше блокиран од Раги.

Конечно, во 33 минута домаќините поведоа преку Манџукиќ кој по прецизното од Алвеш од десно крило шутираше со глава, Сибашиќ повторно интервенираше одлично, но неговиот репрезентативен колега прв налета на одбиената топка и од близина ја затресе мрежата. Во 44 минута Субашиќ повторно го спаси голот на Монако бранејќи го шутот од близина на Дибала, но во продолжение од акцијата не можеше да го спречи погодокот на Јувентус. Субашиќ успеа да ја избоксува топката уфрлена од корнер, но на 18 метри од голот ја сочека Алвеш и со волеј го погоди долниот лева агол.

Во 67 минута најдобрата шанса ја имаше и Монако, М’Бапе се втурна кон Џанлуиџи Буфон, но искусниот голман на Јувентус ја прочита неговата намера. Сепак, две минути подоцна М’бапе постигна гол, а одбраната на Јуве капитулираше по 689 минути игра во Лигата на шампионите. Мутињо направи голема работа при овој погодок, мина по левата страна и практично го погоди младиот француски напаѓач, кој од еден метар ја внесе топката во мрежата покрај немоќниот Буфон. Во 72 минута имаше и искри на теренот, кога Глик намерно но неказнето го нагази Игуаин, а потоа Манџукиќ го удри со лат во грлото Сидибе.

Јувентус во финалето на 3 јуни во Кардиф ќе игра против Реал Мадрид или Атлетико Мадрид. Реал во првиот меч победи со 3:0, а реваншот се игра во среда на „Винсенте Калдерон“. За Јувентус ова ќе биде деветто финале во Лигата (поранешниот Куп) на шампионите, а досега има победено двапати, во 1985 и во 1996 година.