ЛШ: Барселона е првиот патник во Берлин

Барселона е првиот финалист во Лигата на шампионите, откако на гостувањето во Минхен против Баерн успеа да ја задржи предноста од првиот меѓусебен дуел.

“Баварците” славеа на “Алијанц Арена” со 3:2, меѓутоа овој резултат беше далеку од доволен за пласман во финалето, со оглед на високата победа на првиот натпревар која ја забележа Барселона (3:0).

Домаќините поведоа рано, веќе во 7-та минута, а стрелец беше Бенатиа. Иако тоа за момент го крена моралот на екипата и надежите дека возможно е да се достигне предноста од три погодоци, сепак следуваше ладен туш од Нејмар. Најпрво Меси со одлично додавање го исфрли Суарез сам пред голот на Ноер, кој пак несебично го проигра Нејмар за лесна завршница на Бразилецот. Само шест минути подоцна, односно во 25-та минута повторно Уругваецот се најде во прилика да постигне погодок, но по втор пат асистираше до Нејмар кој со прецизен удар го совлада чуварот на “баварците”. Со овој резултат се замина на полувремето.

Во вториот дел веќе се беше јасно, но победата за домаќините и понатаму остана императив, па со агресивна игра и огромна желба успеаа да ја остварат. Левандовски погоди во 59-та минута за израмнување на резултатот, а во 74-та минута Милер постигна гол за утешна победа на Баерн.

Вечерва се игра и второто полуфинале помеѓу Реал Мадрид и Јувентус, а италијанците на “Сантијаго Бернабеу” ќе се обидат да ја одбранат предноста од првиот меч (2:1).

Финалето се игра на 6-ти јуни во Берлин.