ЛШ: Барселона и Јувентус славеа по втор пат и се пласираа во следната рунда

Барселона и Јувентус со нови победи успеаја да се пласираат во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Шпанскиот тим го совлада Манчестер Сити на домашен терен со 1:0, а Јувентус беше многу поубедлив на гостувањето во Германија, триумфирајќи против Борусија Дортмунд со 0:3.

Барселона со уште еден триумф, овојпат на “Камп Ноу” го елиминира англискиот првак Манчестер Сити. Меси и Нејмар имаа блескави изданија, но Иван Ракитиќ беше стрелец на погодокот за каталонскиот тим во 31-та минута од средбата.

Манчестер сити имаше шанса да израмни и да донесе возбудување во завршницата, но Серхио Агуеро во 78.минута не успеа да реализира пенал. Пике го собори токму Аргентинецот во казнениот простор, но Тер Штеген успеа да го одбрани неговиот удар од 11 метри.

Барселона можеше и до многу поубедливо водство на овој меч, ако во завршницата Џо Харт не бранеше фантастично на голот на Манчестер Сити.

На “Сигнал Идуна парк”, Карлос Тевез уште во третата минута ги замолка фановите на Борусија Дортмунд. Со извонреден удар го совлада Вајденфелер и го доведе Јувентус во водство (0:1).

На “милионерите” им беа потребни два гола за да ја анулираат негативата од првиот меч во Торино, но не можеа никако да го пробијат италијанскиот бедем пред голот на Џанлуиџи Буфон.

Во вториот дел, Јувентус со противнапади успеа да ја урне и најмалата надеж на Борусија Дортмунд. Карлос Тевез во 70-та минута му подготви одлична шанса на Мората која не можеше да не ја претвори во 0:2, а девет минути подоцна и самиот уште еднаш се запиша во листата на стрелците.