Спорт

ЛШ: Реал се посрамоти на домашен терен, Порто убедлив против Базел

ЛШ: Реал се посрамоти на домашен терен, Порто убедлив против Базел

Екипата на Реал Мадрид имаше огромна предност по првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите против Шалке, откако на гости славеа со 2:0.

И додека сите очекуваа реваншот да биде само формалност, сепак се покажа дека во фудбалот, особено во ЛШ, никогаш ништо не е сигурно.

Тоа го докажаа фудбалерите на Шалке кои го “фрлија” европскиот шампион на колена среде Мадрид, победувајќи го со 3:4, што сепак на крајот се покажа како недоволно за пласман во четвртфиналето од ЛШ.

Фукс го отвори резултато во 20-та минута, најавувајќи возбудлив натпревар. Пет минути подоцна Кристијано Роналдо израмни, а кога се очекуваше крајот на првиот дел, беа постигнати два нови погодока. Најпрво Хунтелар ги донесе гостите до ново водство, а пред самиот крај на полувремето Роналдо со својот втор погодок се погрижи неговиот тим на пауза да замине со позитивен резултат.

Во 53-та минута Бензема постигна гол за домашните, па верувајќи дека работата е веќе завршена, фудбалерите на Реал се опуштија. Тоа можеа скапо да го платат, откако Сане во 57-та и Хунтелар во 84-та постигнаа погодоци за Шалке, но сепак тоа беше се’ од гостите, па останаа “куси” за еден погодок кој ќе им обезбедеше пласман понатаму.

Инаку ова беше трет натпревар по ред на кој “кралскиот клуб” незнае за победа, откако во домашниот шампион одиграа реми со Виљареал (1:1) и беа поразени од Атлетик Билбао (1:0), па иако обезбедија учество во четвртфиналето од ЛШ, по натпреварот беа исвиркани од навивачите.

Тоа нималку не му се допадна на Кристијано Роналдо, кој со неверување гледаше кон публиката, но по наредба на капитенот Касиљас, и тој а и останатите фудбалери мораа да пријдат до публиката и да се извинат.

На вториот натпревар одигран синоќа Порто со убедливи 4:0 го победи Базел и со вкупни 5:1 избори четвртфинале.

Погодоците за домашните ги постигнаа Брахими (14), Ерера (47), Касемиро (56) и Абубакар (76).

Вечер се играат уште два реванш дуели од осминафиналето: Челзи – ПСЖ (1:1 прв натпревар) и Баерн – Шахтјор (0:0).