ЛШ: Стрелците нерасположени – само еден погодок на првите 1/4 финални мечеви

Фудбалерите на Атлетико и Реал одиграа без голови, додека Јувентус на домашен терен со 1:0 го совлада Монако, во рамките на првите четвртфинални мечеви од Лигата на шампионите.

Реал ниту во седмиот дуел едноподруго не успеа да го совлада градскиот ривал, па одлуката за пласман во полуфиналето ќе падне на “Сантијаго Бернабеу”.

На “Винсенте Калдерон” имаше голема борба, гостите напаѓаа, но не успеаја да го совладаат расположениот голман на “Јорганџиите” Јан Облак. Словенечкиот чувар на мрежата имаше дури осум успешни одбрани и потполно ги сопре нападите на “Кралевите”.

Најблиску до постигнување на гол беа Хамес Родригес и Герет Бејл во првото полувреме, но сепак мрежите мируваа.

Доста слаба партија прикажа најдобриот фудбалер на Реал Мадрид и во светот во моментов Кристијано Роналдо кој во текот на 90-те минути не се виде.

На вториот меч одигран во Торино, италијанскиот шампион Јувентус со минимални 1:0 славеше во пресметката со Монако. Единствениот гол беше дело на Артуро Видал од пенал во 57-та минута.

Претходно Рикардо Карваљо го собори Мората на работ на казнениот простор, а главниот судија на мечот Павел Каловец покажа на белата точка.

Реваншите се на програмата за една недела, а преостанатите два меча се играат во среда кога се среќаваат ПСЖ-Барселона и Порто – Баерн Минхен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.